Тоа што во налет на невообичаена искреност лани го кажа првиот човек на CBS, Лес Мунвес („Доналд Трамп е лош за Америка, ама добар за CBS“) деновиве го потврди Тони Медокс, шефот на меѓународниот оддел на CNN кога откри дека неговата куќа работи со рекордни бројки, признавајќи дека Трамп е добар за бизнисот.
И навистина, на сите кои редовно го реметат Трамп или пак тој директно ги спомнал како непријатели - Си Ен Ен, Њујорк Тајмс, Вашингтон пост, Сатрдеј најт лајф, Стивен Колберт - цифрите им се одлични.
Повеќето од нив се убедени дека рејтингот и парите им се некаква космичка награда затоа што систематски го ребрачат Трамп како јавна одговорност кога се има таков претседател.
„Повеќето од нас, длабоко во себе знаеме дека е тоа лага“, пишува Таиби.
„Доналд Трамп носи феноменални рејтинзи од истите причини поради кои Fear Factor (реално шоу во кое учесниците се тераат да јадат бубашваби и слично) прави пари; ништо не се продава подобро од фрик-шоу“, пишува Таиби.
Дел од медиумите имаат чувство (бидејќи самите придонеле во креирањето на Трамп) дека сега имаат одговорност да го прогонуваат со агресивно истражувачко покривање на теми, за САД и светот повторно да бидат безбедни.
Медиумите се обидуваат да ја најдат магичната формула за однесување кон Трамп при што некогаш доаѓа и до внатре редакциски спорови. Таков беше скорешниот конфликт меѓу главниот уредник на Вол Стрит журнал и неговите новинари. Откако овие прописно го осакатија Трамп по неговиот настап во Аризона, нивниот шеф Џерар Бејкер им пушти допис со кои ги потсети дека треба и да известуваат што тој кажал а не само на Трамп да вежбаат (селективна) критичност. Овие му вратија со тоа што на лутите ривали од Њујорк Тајмс им го пуштија сè уште необјавеното интервју на Бејкер со Трамп во кое двајцата другарски си муабетат за голф и патувања.
Ваквите етички војни во рамките на самите медиуми го замаглуваат вистинскиот проблем, дека тие, медиумите, со децении систематски ја заглупуваат земјата. Тие одамна знаат дека во нивниот бизнис глупото и шокантното секогаш го победува комплексното и нијансираното. Во медиумите царуваат бомбастични наслови, викачите ги надгласуваат оние што мислат а моралот е сведен на црно-бела скица. Таквиот свет создава публика која нема трпение и е зависник од конфликти, луѓе кои ги фаќа склет уште по првата прочитана страница од книга. Трамп е пародија на просечниот американски медиумски консумент: поводлив, само-доволен, маничен, неконцентриран и залепен за приказни кои му годат на неговиот гнев или чувство на обесправеност.
„Потрошивме години продавајќи им го на луѓето најмалиот заеднички содржател. Сега тој НЗС ни е претседател. Колку можеме самите да се залалажуваме дека тоа е чиста случајност?“, прашува едно од водечките пера на Ролинг Стоун.