Пред некое време и ние и многу други објавивме за апчето против ковид на Мерк. Настрана нашата дифолтна сомничавост кон искреноста на корпоративните мотиви, вестите за ова апче на „првиот нацрт на историјата“, како што го нарекуваат новинарството, беа сосема позитивни при што се пренесуваа сознанијата од студијата дека новиот медикамент би можел да го преполови ризикот од хоспитализација и смрт.
„Вакцините се начин да излеземе од пандемијата но не секој во светот денес е имунизиран а и вакцините не се 100% ефикасни за човек да не се зарази. Антивирално апче е клучно за оние кои ќе бидат инфицирани да не добијат жестока форма на болеста“, пренесе Тајм во раните јавувања.
„Така беше додека пропагандистите не ја земаа работата во свои раце“, пишува Мат Таиби опишувајќи како само еден ден подоцна, се прифати новинарскиот пристап „да, ама“ чија поента е „не туку се замајавајте со апчиња туку веднаш да сте се вакцинирале!“
Сиенен и Њујорк тајмс најдоа за неопходно да повторуваат дека апчето не е замена за вакцина (што никој и не го тврдеше), Маркетвоч порача дека „апчето не е магично“ а Блумберг нервозно опомена „Не, апчето на Мерк нема да ѝ стави крај на пандемијата!“
Последниве не пропуштија да направат паралели со ивермектинот девалвирајќи го како лек за коњи за да заклучат дека ако „молнопиравирот почне да го гледаат како алтернатива оние кои не сакаат да се вакцинираат, тогаш вирусот ќе продолжи да живее.“
„На тој начин, за само 24 часа од дознавањето за еден лек кој едвај и да е тестиран а не па одобрен за употреба, тој помошен лек беше обвинет за - пролонгирање на пандемијата“, забележува Таиби.
„Од почетокот на ерата на Трамп, почна да ни се сервира еден нов тип на новинарски стории кои претпоставуваат дека возрасен човек не може да се справи истовремено со различни идеи“, пишува Таиби па затоа новинарите имаат задача педагошки да ги дополнуваат фактите со разни дисклејмери и да објаснуваат што е погрешно, што е опасно, што е вистина а што не е.
Ко за глупи.