Основачот и извршен директор на Амазон, Џефри Безос, го купи Вашингтон пост за 250 милиони долари. 80 години весникот беше во рацете на моќното семејство Греам чии претставници изјавија дека можеле да преживеат но ги занимало нешто повеќе од преживување.
Амазон нема врска со купуванката. Потегот е личен, на Безос, кој призна дека нема готова стратегија за закрепнување на новата играчка но е човек кој сака да експериментира и плус има свои 38 милијарди долари, на колку што го проценува Блумберг.
Вашингтон Пост ја кркаше судбината на сите останати гиганти од хартиеното време: во последниве 6 години приходите паднале за 44 проценти па менаџментот се обидуваше да ги компензира загубите со проекти во образование, кабелска телевизија и др.
За новинарската ергела на Вашингтон Пост, велат, нема подобро решение од Џеф Безос. Човекот успеа од инвестиција од 300.000 долари да го создаде екомерц гигантот Амазон чија моментална пазарна капитализација изнесува над 130 милијарди долари. Тоа го изведе со играње на долг рок. Безос е познат по тоа што е спремен да работи за многу мали профити само за да обезбеди развој на компанијата.
За Вашингтон пост тоа се добри вести.
Претходно, Њујорк Тајмс мораше да ја голтне суетата и да признае дека не успеал да го стави на нозе Бостон Глоуб. Пред 20 години, весникот го купи за рекордни 1,1 милијарда долари. Го продаде за 70 милиони.