Фејсбук целoсно изгаси вести во и од Австралија

Процената на Фејсбук е дека повеќе им се исплати да имаат помалку посети од Австралијците, отколку да им плаќаат на медиумите за вестите кои се постираат на социјалната мрежа.

Блокадата што ја воведува Фејсбук е по две основи: прво, нема да можат да се споделуваат линкови од австралиски медиуми, и второ, тамошната публика нема да може да гледа или споделува новински содржини и од австралиски и од меѓународни извори.

Од денес корисниците од Австралија кои се обидуваат да објават некаков линк од вести, добиваат поп-ап порака дека линкот нема да може да биде објавен. Во исто време Фејсбук страните на австралиските новински медиуми од утрово се празни без ниту еден линк.

Одлуката на Фејсбук е реакција на новиот австралиски закон кој бара од компании како Гугл и Фејсбук да им платат на медиумите одредена сума за вестите кои се објавуваат на големите технолошки платформи, а од кои гореспоменатите гиганти заработуваат сериозни пари од реклами.

Фејсбук и понатаму ќе продолжи да ја проверува точноста на статусите и постовите што се објавуваат од Австралијците, меѓутоа оваа популација повеќе нема да може да објавува линкови од вести како одговор на дезинформациите што би се објавувале таму.

„Тие во пракса кажуваат, на нашата платформа нема да може да се објави каква било информација од организација која ангажира платени новинари, кои имаат процедури за проверка на факти и уреднички политики.

Тие во пракса кажуваат, која било информација што се наоѓа на нашиот сајт не доаѓа од овие доверливи извори. Претпоставувам дека при трезно размислување ним ќе почне да им станува проблем што ова ќе значи за начинот на кој платформата се перципира,“ изјавува австралискиот министер за комуникации, Пол Флечер.

За разлика од Фејсбук, Гугл, иако прво најави дека ќе се повлече од пазарот во Австралија, сепак одлучи да плаќа за вестите (наслов + линк) што ги реобјавува на својот агрегатор за вести Гугл њуз.

 

18 февруари 2021 - 11:15