Дизни признава дека Вајс ги направиле пепел сите пари вложени во компанијата, и во финансиски документи објавени пред некој ден Дизни е помирен дека никогаш нема да ја врати инвестицијата што ја направиле во Вајс. Во документите се наведува дека Дизни има избришано 353 милиони долари од парите што ги има вложено во Вајс, или народски кажано - парите веќе ги нема.
Во времето кога ги дадоа парите, Вајс беше проценет на 5,7 милијарди долари.
„Сметководствената одлука на Дизни е уште еден пример - можеби најзабележителен - за обртот што изминативе години го видовме кај дигиталните медиуми. Инвеститорите одлучија дека популарни медиуми кои некогаш самоуверено тврдеа дека создале нова медиумска парадигма денес вредат многу малку... па дури и помалку,“ пишува Петер Кафка во текстот за Вокс.
Ова што го зборува тој го поткрепува со неколку примери:
- Mic, собра инвестиции од 60 милиони долари, за минатата година да биде продаден за помалку од 5 милиони долари.
- Мешабл во 2016 беше проценет на 250 милиони долари, за во 2017 да биде продаден за 50 милиони долари.
- Гавкер медиа плус Онион, се продадени за помалку од 50 милиони долари. Само за Гавкер медиа во 2016 Унивижн плати 135 милиони долари.
„Сите овие компании имаат различна приказна и различни детали. Она што е заедничко за нив е дека до пред неколку години сите тие беа самоуверени дека вредноста повеќекратно ќе им порасне затоа што знаеја како да стигнат до младата публика искористувајќи ги големите интернет платформи - посебно, Фејсбук и Гугл.
Наместо тоа, Фејсбук и Гугл го прибраа најголемиот дел од парите од рекламите - парите што новите медиуми очекуваа да ги добијат кога ќе постигнат обем. А медиумите кои очекуваа дека Фејсбук и Гугл за содржини ќе зависат од нив, сфатија дека тие воопшто не им се ни потребни на Фејсбук и Гугл,“ пишува Кафка.