Демократијата умира во глупоќа

Пред десетина дена еден од столбовите на слободниот говор и размислување, Вашингтон пост, по итна постапка суспендираше еден од своите најдобри новинари затоа што ретвитнал виц. Серија твитови подоцна и ВП ја отпушти и новинарката што го накодоши колегата.

Вицот што го ретвитна Дејвид Вајгел, паѓа во фолдерот машко-женски спуштања што се верглаат веројатно со векови, меѓутоа дури изминативе неколку години станаа страшно контроверзни и навредливи.

Ретвитот гласи:

„Секоја девојка е ’би’. Само треба да откриеш дали тоа е ’поларна’ или ’сексуална’“.

Откако на Вајгел му се накачуваат на грб за вицот, тој го брише од Твитер и се извинува за истиот.

Некое време подоцна, неговата колешка, новинарка и по нејзини зборови „добра пријателка“, Фелиција Сонмез, истиот ретвит го воскреснува во форма на скриншот, го доставува до надлежните во весникот и прашува што ќе преземе Вашингтон пост околу вицот.

Бидејќи во вакви ситуации компаниите и медиумите почнаа да реагираат исклучиво со најголема итност, ВП решава Вајгел да биде суспендиран на еден месец „за да ја покажеме нашата нетолерантност кон сексистичкиот ретвит испратен од наш вработен.“

Кога по сето ова сосема друг колега на двајцата на Твитер пишува дека можеби малку се претерало со целиот лов на вештерки, Сонмез започнува нова тирада во која на крај бара ВП да преземе мерки и против вториот колега.

Серијата твитови во која влегува Сонмез продолжува со лавина на сметка на колегите и Вашингтон пост, на крај кулминирајќи во нејзино отпуштање преку меил.

„На крај Вашингтон пост ја отпушти Фелиција Сонмез, па можеби и има граница на претерување со глупости. Ама нејзината генерација треба да ја крене границата многу поблиску до здравиот разум и да го најде него многу поскоро.
    
Затоа што демократијата умира во глупоќа,“ ќе порача Бил Маер во коментар на скандалот.

20 јуни 2022 - 12:44