Во секој од нас се крие спортски хулиган

Продуцентка на ESPN која и на своја кожа осетила како е кога ќе се замериш со нечии спортски фанови, решила да посвети неколку години истражување за да дознае што е тоа во спортот што знае да го вади најлошото во луѓето.

Џастин Губар е авторка на книгата "Fanaticus: Mischief and Madness in the Modern Sports Fan," напишана после неколкугодишни разговори со академици, спортски новинари и спортски хулигани. Таа не е аутсајдерка во оваа област бидејќи со години била продуцентка во спортската империја ESPN. Централна теза на нејзината книга е дека во секој од нас се крие спортски вандал а ова се извадоци од нејзиното интервју со Салон.

Да почнеме од почеток. Вие сте голема спортски фан. Што ве натера да напишете книга на оваа тема?

На своја кожа ја почувствував темата. Како продуцентка на ESPN, пред неколку години покривавме рагби настан во Охајо а на тамошните фанови не им се бендиса како тоа сме го направиле. Нивното главно оружје беше интернетот, бев малтретирана по Фејсбук и Твитер со гадни пораки а некој го имаше ставено и мојот домашен телефон онлајн па морав да го менувам. Беше гадно. Тогаш почнав да се прашувам како страста за својот клуб може да предизвика толку лошо однесување.

Што мислите, што мислел оној кој го објавил вашиот телефон?

Веројатно мислел дека така ја брани својата екипа. Јас не бев некој од нивното племе и тој се наштимал во сурвајвор однесување. Нашите мозоци се програмирани за племенски врски и одбрана од аутсајдери. Женски новинар од друга сојузна држава во таков случај е природна мета.

Што најмногу ве изненади додека собиравте сознанија за книгата?

Лошото однесување го следи спортот уште од неговите почетоци. Во античка Грција било забранувано пиење вино на спортски настани за да се спречи насилство. Спортски нереди имало и во стариот Рим каде на метални табли се испишувале навреди за противниците.

Претпоставувам од мажи бидејќи речиси секој пример во вашата книга се однесува на нив. Во некој момент помисливте ли дека за мажите спортот е само алиби за инфантилно мачо однесување?

Можам да ви го кажам она што ми го покажа истражувањето. Проблематичните спортски фанови се главно мажи. На нередите по хокејарскиот пораз на Ванкувер во 2011-та, 89 проценти од неконтролираната маса беа мажи. За потребите на книгата разговарав со антрополог кој го извади терминот "машко поврзување". Според него, мажите се повеќе настроени кон агресивно однесување во група. Тие порано морале да се поврзуваат заради ловење и убивање животни за да се преживее. Сега тоа го нема но тука се спортските настани за да се потсетат на истата емоција. Но, и жените сè повеќе ги има во тепачките. Според мене, глупоста е еднаква шанса за сите. Истовремено, тоа е последица од зголемената женска публика. НФЛ вели дека 45 проценти од нивните фанови се жени, во НБА женскиот удел изнесува 30 проценти од вкупната публика.

-------

Што се однесува до системот кој го вади најлошото во луѓето, верувам дека дебатата за најзакоравените фанови може да го подобри спортот. За непримереното однесување треба да се најдат корените. Проблемите мора да бидат адресирани и мојата книга е обид да се загатне таа тема. Нема многу луѓе во спортскиот свет кои би сакале отворено да им кажат на луѓето кои платиле за карта дека се однесуваат како идиоти.

*разговорот со Џастин Губер го водел Стив Алмонд чија книга се вика "Против фудбалот".