За Роберт МекДаниел проблемите започнуваат во средината на 2013 година, кога на врата му затропува полиција и човек од социјалните служби. Знаејќи дека нема направено белја, ги поканува дома. Полициско тропање на врата не е необично во крајот во кој живее, Остин, Чикаго, во кој се случуваат дури 10 проценти од вкупниот број убиства во Чикаго иако Остин по територија е само 2% од вкупната градска површина.
Двајцата полицајци му објаснуваат за што се работи: алгоритам на компјутерскиот програм што почнала да го користи нивната полиција го издвоила него како потенцијален учесник во некој вооружен злостор. Со други зборови, за компјутерот, МекДаниел е високоризично лице. Дали во тој иден инцидент тој ќе биде извршител или жртва, тоа алгоритмот не го кажува. „Па што да правам?“ ги прашал полицајците а тие му рекле, ништо посебно, пази како се однесуваш, оти богами и ние ќе пазиме на тебе. И си отишле.
Но, како оваа сцена им изгледала на локалните бандити и кримоси? Значи, полиција доаѓа кај него, тој ги пушта внатре, седат некое време и излегуваат сами, без домаќинот во лисици.
Заклучок: Мора да е полициски цинкарош, говно едно!
Цело маало почнува да го сомничи, пријатели почнуваат да го избегнуваат, особено што полицијата си стоела до зборот па постојано му дишела во врат, што значи дека секогаш и секаде во негова близина имало некој полицаец.
Осомничен од полицијата, осомничен од соседите, животот на МекДаниел станува заебан. Во неколку наврати кај него доаѓале и тв екипи за да ја забележат сторијата а тој се надевал дека така ќе си го исчисти името, но тоа само ги зголемилo сомнежите дека е некој кој е важен за џандарите и службите.
Целата приказна неодоливо потсетува на филмот MInority Report со Том Круз, чија сценаристичка подлошка е истоимената новела на Филип К. Дик од 1956 година.
Сув остаток: МекДаниел на улица го пукаат во два наврата. Точно знае кои го имаат пукано но на памет не му паѓа да ги пријави во полиција. Уште тоа му треба. Вика дека кога оди по Остин, има чувство дека носи мета на грбот.
Најзаебан аспект на ова само-остварувачко пророштво е дека компјутерскиот алгоритам сепак бил во право дека Роберт МекДаниел ќе биде вмешан во некој вооружен злостор.