Во најмоќната земја на светот, не само нозете туку и животот ќе си го пуштиш колку што ти е долго чергичето. Во последната студија на таа тема биле испитувани луѓе кои во 1990-тите години биле во своите 50-ти години. 3/4 од најбогатите меѓу нив денес сè уште се живи што не може да се каже за најсиромашните кај кои повеќе од половина веќе се заминати од овој свет,.
Студија од 2016-та покажа дека најбогатите 1 процент американски жени живеат повеќе од една деценија подолго од најсиромашните 1 процент. А јазот е уште поголем меѓу мажите. Берни Сандерс честопати ја споделува статистиката по која во најсиромашниот округ на Вирџинија, просечниот животен век е 65 години, додека во најбогатиот округ тој изнесува 82 години.
Ваквите наоди не се за дебата. За дебата е прашањето зошто е тоа така. А во оптек се најразлични теории, меѓу кои и екстремно безобразни, дека богатите се едноставно поинтелигентни и здравствено пописмени. Според таквото гледиште, само да беше малку поинтелигентна, сиромаштијата ќе знаеше дека фаст фудот е штетен.
Сепак, ќе да е нешто до самата структура на капитализмот.
„Сопствениците на компаниите се принудени да го максимизираат профитот. Не се работи за лична лакомост, дури и тоа не е во нивна контрола. Максимизирањето на профитот е мандаторен во капитализмот бидејќи ако компаниите постојано не ја бркаат таа цел, ќе испаднат од трката и ќе пропаднат,“ пишува Меган Деј во магазинот Јакобин.
Профитот, тоа „златно теле“ на капитализмот, ги принудува газдите постојано да го шират бизнисот, да бараат нови пазари, да лобираат за дерегулација на условите за работа, да лобираат за даночни олеснувања, пари кои често се компензираат со кратење на социјалните сервиси за оние кои им ги полнат џебовите.
Капитализмот никогаш не е докрај задоволен од тебе. И да успееш да ги исполниш високите и речиси недостижни таргети, за догодина ќе те чекаат 15-20 посто повисоки таргети.
Во земји како САД, никој не ти гарантира кров над глава или храна на маса или лекарска помош - ако немаш да платиш за тоа. Градови како Сан Франциско, а во последно време и Лос Анџелес, се на раб на социјален колапс па се случува наставници да спијат по коли затоа што со нивните плати не можат да си приуштат да платат кирија во градот во кој предаваат.
„Стресот од сиромаштија е смртна казна,“ знае да каже Берни Сандерс.