Гад Саад: Оние што страдаат од масовна хистерија обично се дел од ултралевицата. Овие луѓе го имаат изградено целиот свој етос и поглед на свет на идентитетски политики. А идентитетските политики водат кон виктимолошки покер и олимпијади на опресија. Ваквите групи завршуваат во натпревар кој повеќе страда и кој повеќе е угнетен бидејќи тоа е механизмот преку кој мислат дека ќе решат некој проблем.
Ако има вистинска дебата, јас ќе ги презентирам моите аргументи, вие вашите и подобрите аргументи ќе победат. Тоа не се случува во идентитетските дебати. Таму се водат кавги кој е најголема жртва. Тоа ги води луѓето кон апсурдни линии на размислување од типот - сега сум малку саркастичен - како да бидам сигурен во доматите кои ги купувам откако Трамп победи?
Мразете го Трамп колку сакате. Мразете негови политики но не се вклучувајте во тој гротескен дискурс. Особено затоа што тој ја тривијализира траумата. Како некој кој избегал од Либан и буквално се криел под маса од тамошните одреди на смртта, не можам да ги сфатам озбилно оние идиоти од Универзитетите кои кенкаат како се уплашени да куппат хамбургер откако Трамп победил, бидејќи со тоа се тривијализира траумата.
Аеро магазин: Што би им рекле на вашите критичари кои тврдат дека нефер сте фокусирани на левичарското лудило а го игнорирате десничарското?
Саад: Јас тоа го викам „А со Израел што правиме бе, брат?“ Значи, јас не можам да го критикувам исламското лудило ако не одвојам исто време за критикување на Израел? Така не функционира животот. Ние создаваме хиерархија на вредности кои нè исполнуваат. Некој се бори за Тибет, некој за Кипар. Оттука, никој не е принуден да одвојува еднакво енергија и време за сите теми.
Јас живеам во академскиот еко-систем. А тој не е управуван од десничарско лудило. Академските институции, медиумските елити и холивудските елити, сите тие се дел од левичарското лудило. Значи, на дневна основа јас како професор не се соочувам со закани од Кју Клукс Клан и десничарски фашизам. Но затоа, на дневна основа јас постојано ги гледам екстремно штетните последици од левичарското лудување. Тоа не значи дека јас го прифаќам десничарското лудило. Кога некој републикански сенатор ќе излезе со ставови против науката или ќе ја негира еволуцијата, обично сум меѓу првите кои реагираат. Но, во мојата реалност, во секојдневието, најголемата опасност доаѓа од левицата.
Вие сте еден од најгласните критичари на воините за социјална правда. Дали вашите размислувања се ретки во академските кругови или мислите дека има такви кои ве подржуваат но се плашат тоа гласно да го кажат?
Моите стојалишта се ретки во академските кругови но бројот на оние кои мислат слично на мене е поголем од оние кои тоа јавно го декларираат. Често добивам лични пораки од колеги „со тебе сум“, „те поддржувам,“ но се плашат дури и лајк да стават јавно, за да не бидат обелжани како луѓе кои поддржуваат „контроверзни“ размислувања. Луѓето со „прогресивен“ ум не поседуваат адекватен моралн компас за навигација низ овие теми и се водени од стравот да не бидат јавно жигосани.
Но, што можам јас со тоа? Таква ми е личноста, констелацијата на гените... не можам мирно да поднесам каков било булшит.
Можете ли да ни ја објасните еволутивната психологија?
Таа се обидува да ги примени познатите принципи на еволуцијата и на човечкиот мозок. Бидејќи тие принципи не престануваат да важат кога ќе се дојде до мозокот. На многумина им е сосема нормално да ја почитуваат еволуцијата за сè, освен кога таа ќе се користи за проучување на мозокот, тоа одеднаш им станува некако сомнително.
Научните експликации можат да се однесуваат на прашањата како и што. Но, еволутивната психологија се занимава и со фундаменталното зошто?
Некој пример?
Тоа што на трудници им се лоши, тоа е многу вообичаена, универзална реалност. Кога на бремените жени некоја храна им станува неодолива а од некоја им се гади. Фундаменталното прашање е зошто тоа се случува? Зошто жените еволуирале така? Кој адаптивен проблем го решаваат на тој начин?
Треба да се знае дека тоа чувство на гадење се јавува во конкретна фаза на развојот на фетусот. Не се случува рандом, тоа е механизам прецизен како швајцарски часовник. Се случува во првиот триместар, период познат како органогенеза, бидејќи тогаш се формираат органите во фетусот. За време на таа клучна фаза на развојот, императив е фетусот да биде заштитен од опасност. А која е главната опасност? Патогени од храната. Тука лежи клучот зошто некоја храна предизвикува гадливост а за некоја се јавува неодолива желба. Трудни жени обично многу сакаат кисели краставички. А тоа е храна која има анти-микробна функција. За време на органогенезата, на жените им е одбивна храната која во себе има потенцијал за големи количини патогени. Повраќањето е вграден механизам за заштита од можна изложеност на патогени, жените повраќаат (без никаква волја и свесност за тоа) за да го заштитат фетусот.
Претпоставувам дека ваквите позиции на еволутивната психологија често добиваат контри од другите научни области.
Еволутивната психологија е предизвик и конфронтација за различни идеолошки позиции.
Ако сте за постмодернизам, против неа сте бидејќи се залагате за општ релативизам а таа утврдува универзални односи и закони. Целиот постмодернизам се темели на шарлатанство. Научник оди на конференција за да пљампа дека не постојат универзални закони ама авионот со кој оди на таа конференција е изграден на некои од нив.
Радикалниот феминизам ја мрази еволутивната психологија затоа што таа вели дека постојат реални, биолошки разлики меѓу половите.
Ако сте социјален конструктивист - а повеќето општествени научници се токму тоа - тогаш верувате дека сè е производ на општествена конструкција, дека ние се раѓаме со празни умови (табула раса) и потоа нè обликуваат силите на социјализацијата. Па на прашањето „Зошто жените преферираат повисоки мажи“, ќе ви одговорат „Затоа што така биле убедени од Холивуд“.
Или „Зошто мажите сакаат жени со облини?“ „Заради спотовите на Ники Минаж.“ Е да, да не беа нејзините спотови, мажите ќе сакаа да се парат со дрвја.
Се разбира, еволутивните психолози не ја негираат важноста на социјализацијата. Само велат дека таа функционира во рамките на некои биолошки реалности. Оттука, социјализацијата не е спротивставена на биологијата, таа постои за да ги поддржи биолошките императиви.
*********
Јутјуб каналот на професорот е: Saad Truth