На есен се очекува премиера на вашиот најнов филм "Уставот на Република Хрватска". Има нешто бизарно во тој наслов, како на пример во СФРЈ да се прикажувал филм "Законот за здружен труд." Зошто се решивте за таков наслов?
И пред да го напишеме сценариото, кога ја склопувавме приказната реков дека филмот ќе се вика "Уставот на Република Хрватска". Просто, добро звучеше. А и тој Устав стана некаква пречка за геј бракови, за правата на малцинствата, за сешто. Сите почнаа да зборуваат за тој Устав па и јас за првпат седнав да го читам и открив дека е тоа еден куп будалаштини во кои никој од нас не верува, само што прекрасно звучат.
Би ни било ли подобро ако му веруваме, да живееме по него?
Можеме ли да замислиме некаков свет во кој навистина сите имаат еднакви права за вработување, дека нашиот имот е неповредив? Дека се вистинити сите тие темелни права кои ги имаме запишано во нашите устави а кои во реалноста се суспендирани и во кои никој не верува.
Една од темите во ваша колумна беше токму тоа за кое зборувате: сите знаеме дека законите се нешто кое морало да биде напишано ама никој не е глуп да верува дека по нив и навистина ќе се живее.
Да, го напишав тоа во текст. Нашиот народ има обичај да прави приемна соба за гости во која не се влегува. Ние имаме Устав за покажување, она кога ќе ти дојдат гости па ти им викаш: "Погледнете ја оваа соба, ама нема да седиме тука, одиме во кујна". Уставот е кауч од кој не сме го симнале најлонот.
Слободата на говорот е актуелна тема во регионов а вие сте меѓу оние кои ѝ помагаат да се развива без оглед на сите кои тоа ѝ го бранат.
Мене всушност ме вчудоневидува колку диктатурата е блиску. Како да е тука, позади аголот. Ние мислиме дека сме достигнале некое ниво и дека сега нема враќање за неа. Дека нема шанси. И после Томислав Карамарко, претседател на ХДЗ и потпретседател на хрватската влада ќе ја изговори реченицата: "Секој има право да мисли што сака, но во своите 4 ѕида." Тој тоа потполно нормално го изговара и сфаќаш дека човекот нема елементарна политичка култура, дека не знае работи кои се основа на демократијата и дека на луѓето тоа им е сосема нормално. А знаете што друго ме вчудоневидува? Одам јас по улица и некој ми дофрла дека сум четник. Зошто тој тоа го прави, што има од тоа, зошто јас него го лутам? Зошто тој мора да биде толку покорен, да ѝ се допадне на власта, толку да биде на линија? Објективно, јас не сум моќен човек. Немам никакво влијание на неговиот живот, јас нему не можам ништо да му расипам. Зошто му се допаѓа таа илузија дека сите мораат исто да мислат? Кога тоа го гледаш, сфаќаш колку диктатурата е блиску. Тука одма, штом излезеш.
Како Сплит го дочека влегувањето на Хрватска во ЕУ?
Не мислам дека нешто се има сменето.Фино е да знаеш дека можеш да патуваш, дека никој нема да те сопре, ама дека нешто се сменило - не. Кога влегувавме во ЕУ "Време" ми нарача текст за тоа. Напишав дека нам единствениот мерак во Европа ни е што вие не сте во Европа. И сега ние ќе ве гњавиме со некое измислено Поглавје 23. Никој не знае што е тоа Поглавје 23, ама ете ни згодна прилика да ги прцаме Србите со нешто.
Дали со влегувањето во ЕУ се почувствува квалитетен исчекор во културниот живот?
Не. Се зборува дека парите нè чекаат во ЕУ ама никој не ги зема тие пари. Бидејќи наводно тие европски бирократи многу гњават со хартии. На пример, во Сплит 20 години се нема изградено ниедно основно училиште а во меѓувреме градот нарасна. И ја имаш мантрата: Ние тоа ќе го изградиме со јавно-приватно партнерство. Не може да им текне зошто еден приватник би сакал да гради школи. А потоа ќе речат, ние тоа школо ќе го градиме со фондовите од ЕУ. Тоа сите го повторуваа сè додека некој не се одважи да ги провери тие фондови. И разбраа дека ЕУ не дава пари за основни училишта. Некако ЕУ подразбира дека кога некој веќе влегол во Европа, може сам да си направи школо. ЕУ може да прави школо во Конго, не не и во Европа.
* целото интервју во Време (платената верзија).