Како номинацијата на Трамп влијае врз вашиот финиш со Хилари?
Присуството на Трамп во трката треба да им разјасни на демократските делегати на Конвенцијата дека Берни Сандерс е посилниот кандидат. Ако ги погледнете националните сондажи - речиси сите - и резултатите по држави, ќе видите дека ние имаме многу повеќе шанси против Трамп отколку Клинтон.
Се чини дека и вие и Трамп ги ловите истите гласачи...
Не би претерувал јас толку....
Добро, до извесна мерка. Кој е заедничката карактеристика на овие гласачи?
Ќе ви кажам која е главната карактеристика. Колку и медиумите да се шокирани, колку и експертите да се шокирани, околу нас постојат милиони Американци кои се многу, многу гневни. А гневни се затоа што работат на две до три работни места. Загрижени се за иднината на своите деца, дали ќе имаат дом и пристојна работа. И потоа гледаат во раководството на Демократската партија и во раководството на Републиканската партија и не гледаат луѓе кои ги решаваат, или барем обрнуваат внимание на нивните потреби. И во таква ситуација доаѓа Трамп и ги обвинува Мексиканците или муслиманите или жените за проблемите со кои се соочува општеството. И луѓето гледаат дека некој барем зборува за нивниот гнев. Но, тоа е жално. Тоа е многу лош пристап. Но, тоа е причината заради која тој успева.
Ние исто така го адресираме гневот на американскиот народ, но, на конструктивен начин. А тоа е да се обидеме да ги поврземе луѓето. Да го направиме спротивното од она што го прави Трамп кој сака да нè подели. Да ги погледнеме вистинските причини зошто средната класа изчезнува и да развиеме јавни политики за задоволување на потребите на работничките семејства.
Бевте критикувани - и во Ролинг Стоун - што не давате доволно конкретни факти за тоа како би функционирала политичката револуција во смисла на владеење....
Па, јас...
Може да го поставам прашањето? Критиките кон вас не се однесуваат на тоа што размислувате за крупни прашања туку што некои непријатни факти за политичкиот систем ги буткате под тепих. Многумина ќе речат дека сте во право за политиката и посакуваните цели но дека "не сте човекот кој тоа може да го спроведе".
Да...
Значи, како тоа ќе го реализирате? Кои се деталите....
Кои се деталите со кои јас, лично, сосема сам, ќе го направам она што никој во американската историја досега не го направил? И за ова ЈАС сум критикуван? Зошто вие не го сторите тоа? Зошто уредникот на Ролинг Стоун не направи нешто околу тоа? Видете, со цела почит, ова е апсурдно прашање.
Прашањето е: да претпоставиме дека сте претседател и дека мора да се справите со Конгрес каков што го имаме денес...
Дозволете ми да го прокоментирам тоа. Ако ме изберат за претседател, мали се шансите Сенатот да остане Републикански каков што е сега.
Но, сепак ќе се соочите со преговарач каков што е Пол Рајан. И ме занима како ќе избуткате идеја како "бесплатен факултет за сите" кога тој седи спроти вас на преговарачката маса.
Одговорот на ова прашање бара да се размислува надвор од кутијата. Јасно ми е дека Пол Рајан нема да се одушеви од мојата идеја да го оданочиме Вол Стрит за да имаме пари за бесплатните студирања. Но, ќе имате претседател кој неуморно ќе шпарта по земјата и ќе ја објаснува оваа идеја. Тоа не е маргинална идеја, Американците ја сакаат. А масовните средби на претседателот со граѓаните ќе им разјаснат на луѓето од партиите дека ако ги одбиваат ваквите идеи, ќе мора да платат политичка цена.
Моите идеи не се екстравагантни, не се радикални. Тоа се идеи кои луѓето ги поддржуваат. Мора да го затвориме јазот меѓу она што граѓаните го сакаат и она што го прави американскиот Конгрес.
Успеавте да ја запалите младата генерација прогресивци и да ги вклучите во изборниот процес. Што треба партијата да направи за да ги задржи тие луѓе?
Тоа е добро прашање. За разлика од другите ваши глупави прашања.....
*целото интервју го имате тука