Почнавте да го користите Твитер за да избегате од секојдневната академска работа која се потешко и потешко ја работевте. Колку сметате дека е важна мрзливоста за човек да може да биде креативен во секојдневниот живот?
Не знам дали мрзливоста е нужно нова или важна, но досадата стварно може да биде одлична мотивација за да се направи нешто ново. Што е до мене, мислам дека моите проблеми повеќе се поврзани со озбилна депресија и анксиозност, ама Твитер ми помогна да ги претворам во нешто ново и креативно.
Зошто го преферирате Твитер во однос на други платформи, на пример Фејсбук? Што е за вас успешна платформа за комуницирање со публиката?
Дефинитивно мислам дека другите платформи имаат огромен потенцијал, но јас сум на Твитер заради едноставноста на неговиот интерфејс и потребата да се биде продуктивен во кратка форма. За сите корисници на Твитер ограничениот број на карактери отсекогаш претставувал инспирација за креативност. Дури и ако ова ограничување некогаш го укинат, мислам дека неговите корисници и понатаму ќе бидат кратки.
За твојот Твитер лик Nein.Quarterly тврдите дека е "сумарен преглед на утописки негации."
Генерално тоа значи "не" како негација на сите однапред подготвени утопии, кои нам секојдневно ни се презентирани првенствено преку маркетинг, рекламирање и сето она што многу често го гледаме како едноставни политички решенија за комплексни проблеми. Многу е важно да се нагласи дека "не" од nein не е никаков вид на решение на проблемот. Туку тоа едноставно е одбивање на прифаќање на привлечната илузија што ја даваат едноставните одговори.
Велите дека секогаш сте го сакале Теодор Адроно затоа што како "најлош елитист бил најдобар хуманитарец". Можат ли тие две работи воопшто да функционираат заедно?
Она што Адорно го презира кај масовната култура е дека таа нас нè мами кога зборува за нашиот полн потенцијал. Тој би додал, дека нам може да ни се чини дека таа нè задоволува, меѓутоа истовремено нè прави многу помалку хуманитарни ограничувајќи го нашиот опсег на мислење и искуства преку лесно извршливи и високо профитабилни формули.
Живееме во време кога мнозинството луѓе едноставно не чита долги текстови, па ме интересира зошто мислите дека површни текстови од 140 карактери воопшто е добар начин на комуникација? Дали на денешниот неолиберален свет му се потребни филозофите, кога голем број луѓе воопшто не знае кој е Волтер Бенџамин, ниту тоа им е важна тема?
Да, мислам дека твитовите, вклучително и овие моите, се прилично површни. Секако дека можете да ги пишувате така што и самите ќе привлечат внимание заради својата површност и ќе го повикаат читателот сам да размисли за сите импликации од комуникацијата преку социјалните мрежи. А дали денес треба да знаеме кој е Волтер Бенџамин? Па и не баш. Многу е поважно неговите критички забелешки кои се однесуваат на интеракција со технологијата, перцепции и политики во некоја форма да останат дел од нашата генерална свест. Мислам дека тоа се случило на многу начини.
Со тек на време почнавте да користите слики, односно фотографии, кои ги поврзувате со текст, за да добиете моќна комбинација. Интересно е што луѓето полека почнуваат да користат се повеќе слики за современа комуникација.
Да мислам дека тоа веќе станува стандард. Тоа можеби е нов развој на случувањата на неколку нивоа, но истовремено потсетува дека филозофи како Зигфрид Кракауер се потпираат на слики во текот на минатиот век. Најмногу ме интересира да користам текст за реконструкција на слики за да создадам момент на изненадување, што во мојот случај преоѓа во шега.
Во еден од разговорите изјавите дека новинарството може да биде силата која ќе придвижува нови начини на изразување, и покрај фактот дека критиката ја предвидува неговата смрт во денешниот облик?
Јасно е дека новинарството умира, но исто така и дека прифаќа нови форми на комуникација и така покажа многу виталност. Како и многу други луѓе ме загрижува исчезнувањето на вистинско долготрајно истражувачко новинарство, чија продукција е исклучително скапа. На одреден начин тоа и понатаму постои, но никогаш не било во поголема опасност.
Како наоѓате начин да ја погодите тенката линија меѓу иронијата и цинизмот, која често е карактеристика на огорчени луѓе? Кога почнавте да пишувате твитови сметавте дека сè имаме изгубено и дека веќе немаме што да изгубиме. Дали сепак нешто ни остана?
Мислам дека никогаш не сум ни знаел каде се наоѓа таа линија меѓу иронија и цинизам. Меѓутоа тоа не е ни така лошо затоа што ми се чини дека таа кај мене често се префрла од една на друга страна. А ни остана и нашата смисла за хумор. Знам дека станува збор за големо клише, меѓутоа ако некогаш го изгубиме хуморот, тогаш сме стварно изгубени.