Време: Во едно интервју од пред 7-8 години, констатирате дека Хрватска „за 20 години ќе изгледа исто, само бетер.“ Претпоставувам дека тоа важи и за другите земји произлезени од бивша Југославија. Од каде тој песимизам?
Не е тоа песимизам. Јас дури сум неизлечив и неизлечен оптимист. Таа моја оценка за Хрватска и другите земји од Југославија, дека за 20 години ќе изгледа исто само бетер, е всушност доста храбра и оптимистична. Да сум песимист, ќе речев дека ќе изгледа многу бетер, само исто. Сетете се на ведриот оптимизам од пред 20 години, кога нам ни умре Туѓман а вам ви преживеа Милошевиќ, па после прашајте ме од каде песимизам. Пред точно 13 години, во ноември 2007, Вечерње новости на насловната страница најавуваат тема „Србија од иднината, 2020 година.“ „Во 2020 година Србија ќе биде развиена земја и членка на Европската Унија,“ пишување во Вечерњи. „просечната плата ќе биде 1.200 евра, пензиите околу 500 а невработеноста ќе се намали на само 5%“. Денес, во ноември 2020 година, Србија, како што гледате, е иста како во 2007-ма, само бетер.
Дали сте југоносталгичар и што тој збор денес воопшто значи?
Носталгичен сум, како и секое живо суштество, кон детството и младоста. Да бев роден и растен на почетокот на 20-от век, ќе бев австроунгарсконосталгичен. Шиоркиот бран на таканаречената југоносталгија, едно комплетно некритичко обожување на таа пропадната држава, за жал, многу повеќе зборува за државите настанати на пепелот на таа Југославија, отколку за самата Југославија. Нема нешто што подобро зборува за тие несреќни државички, од топлата носталгија кон една држава во која шеќерна табла беше замена за чоколадо а Аркан беше убиец на тајната полиција.
Во неколку наврати имате пишувано за „помалото“ и „поголемото“ зло во политиката. Постои еден граѓански слој кој одбива да излезе на избори или ги пречкртува ливчињата бидејќи нејќе да го бира „помалото зло“, туку трага по „доброто“ во политиката. Некои велат дека е тоа политичка неписменост и дека секаде, и во земјите со развиена демократија, се гласа за помалото зло. Каков е вашиот став?
Горд сум на фактот дека имам гласано на сите досегашни избори и дека ниеднаш не сум заокружил кандидат на ХДЗ или СДП. Секогаш сум гласал „за“, никогаш не сум ја прифатил теоријата на помало зло и моите фаворити секогаш завршувале меѓу 0,8% и 2,2%. Освен на претседателски избори меѓу кандидатите на ХДЗ и СДП на кои, на гласачките ливчиња, радосно како мало дете, цртав насмеани летечки курови. И после стотина илјади луѓе ќе вреснат на мене дека глас за добри лузери е фрлен глас, или уште полошо, глас за ХДЗ - и потоа своите стотина илјади гласови ќе ги дадат за СДП. А после јас сум бил глуп. Овие 30 години да вложувавме во лузерски опции од 0,8 до 2,2 посто, денеска тие опции, сосе камати, ќе составуваа влада. Ама добро, јас нека сум глуп.
Како денес гледате на некогаш силното движење за „бели ливчиња“ со кое, со пречкртани ливчиња се казни политиката на Борис Тадиќ бидејќи луѓето беа разочарани, но ги добивме Тома Николиќ и Вучиќ.
Таа теорија претпоставува дека Србија на Борис Тадиќ денес би била онаа од Вечерње новости, „развиена земја членка на ЕУ, со просечна плата од 1.200 евра, пензии од 500 евра и невработеност од пет посто“. Зошто после сè, веруваме дека тоа би било така? Затоа што Тадиќ е попристоен и пообразуван од Вучиќ, затоа што подобро игра баскет еден на еден? Па, политиката на Тадиќ беше во влакно иста каква тие години би ја водел Милошевиќ, ако случајно го преживееше 5 октомври. Одговорно тврдам: Тадиќ да останеше на власт, тоа не само што само малку ќе го одложеше Вучиќ туку тој Вучиќ би бил уште полош. Српски избори кои нешто ќе променат нема да бидат оние меѓу Тадиќ и Вучиќ туку оние меѓу српската догма и стварниот живот.
Ако слободниот избор на Србија е избор меѓу Вучиќ на една страна, и Тадиќ, Ѓилас и Обрадовиќ на друга, тогаш, џабе кречење.
Присуствуваме на парадокс кој прилично фрустрира многу европски ориентирани граѓани на Србија. Западните земји, помалку или повеќе, го поддржуваат режимот на Вучиќ кој притоа сурово се пресметува со оние јавни личности кои беа симбол на анти-милошевиќкиот отпор, борбата против национализмот и заговорници на европскиот пат на Србија.
Западот, се разбира, е глуп, но кога сме веќе толку паметни, ајде малку да се ставиме во негова кожа. Еднаш, пред 20 години, тој вложи сè во противрежимската опозиција, и што доби? Тој прочуен Запад го занима само фамозната стабилност и Србија не е единствената која ја плаќа цената на таа илузија. Диктаторите и тираните притоа секогаш се најдобри партнери и попослушни слуги затоа што имаат со што да бидат уценети.
Не смееме да ја изоставиме досадната пандемија за која велите дека засекогаш ќе го промени светот. Како ќе го промени?
Се разбира, ќе биде ист, само бетер.