Темната страна на чоколадото

Чоколадото лечи од анемија, ангина, астма, служи како афродизијак.... Ако забележувате, сето тоа само на буквата А. Но, целата вистина за чудотворните својства на какото, не е баш толку слатка.

Најстарите записи за лековитите својства на какаото постојат преку 2.000 години а разните цивилизациии и култури досега кумулирале над 100 болести и состојби за кои основната состојка на чоколадото лечи или помага. 

Последниве години, чоколадните производи минуваат низ трансформација заради зголемената свесност (хистерија) околу здравјето па почнуваат да се нудат како органски, природни, богати со какао, со контролирано географско потекло и слично. Пораката која треба да се голтне е јасна: се работи за нови и подобрени чоколада, особено оние црните за кои веќе постои мит дека се „супер храна“.

Само што, не се.

Големите производители на чоколадо во последните 20 години истураат огромни суми за финансирање на нутриционистички истражувања, кои се внимателни поставени, интерпретирани и селективно пренесувани за субјектот да се прикаже во позитивно светло.

На пример, минатата година беше издадена студија по која мажите кои јадат чоколадо имаат помал ризик од срцева аритмија а жените од срцеви удари. Заклучокот беше дека консумирањето флаваноли од какаото го штити срцето и крвниот притисок. Студијата произведе стотици и стотици медиумски стории на таа тема и сега тоа е „општо познато“.

Само што, не е баш така.

Студијата се темели на многу поголеми дози флаваноли од оние кои ги има во чоколадните производи на рафтовите. Да, крвниот притисок има бенефит од 670 милиграми флаваноли но за таа доза, човек треба да изеде 12 стандардни 100 грамски чоколада.

Слично е и со други студии кои ги финансирала индустријата. Некогаш тоа се мета-истражувања кои се темелат на анализа на постоечки истражувања но во такви случаи, селективно се одбира кои студии ќе влезат во купчето за анализа. Експерименталните студии се проблематични пак затоа што, за разлика од оние кога се во прашање лекови, тешко се увалува плацебо бидејќи на луѓето им е јасно што е чоколадо. 

Објективна анализа на дури 206 научни студии за разни видови храна покажала дека кај оние кои добиле пари од заинтересираната индустрија, шансите за добивање позитивни или барем неутрални резултати се 600 % поголеми од оние со независни извори на финансирање. 

Парите од чоколадната индустрија наменети за науката почнаа да се зголемуваат за да се неутрализира лошиот публицитет откако на почетокот на овој век почнаа да се редат документарци за вистината како доаѓа какаото на Запад - со злоупотреба на детски труд, со робови, со нечовечки услови за оние кои го берат какaото во Гана, Брегот на Слоновата коска и цела западна Африка.

А што се однесува до науката и медиумите, лани беше откриено дека угледниот Меѓународен архив за интерна медицина, за надомест од 600 фунти прифатил да објави една набрзинка склопена студија која нема врска со реалноста. Прес соопштението од неа го склопи еден биолог од Харвард и за само неколку дена, резултатите од таа „студија“ беа пренеси во 20-тина земји а меѓу медиумите кои се фатија за орото беа и формати како Билд, Меил Онлајн и други.

Сето ова нам ништо нем да ни смени во односот кон чоколадата затоа што и досега не ги бутавме заради аритмија и притисок, туку заради чувството дека во космосот, барем за момент, завладеала некаква божја хармонија.

 

26 март 2018 - 13:04