Оброците беа добри, каснувањето меѓу нив не чинеше. Појадокот важеше за најважниот оброк во денот, ручекот помагаше да бидете посупешни на работа, вечерата со најблиските беше круцијална за среќата и дебелината на семејтвото.
Трикратниот дневен внес на храна доаѓа од европскиот среден век. Колонизаторите на Америка ја извезуваат и оваа своја навика која ја сметаат за уште една своја цивилизациска предност во однос на домородците. Тие, Индијанците, јаделе без никаков ред; кога има - има, кога нема- нема.
Со индустриската револуција, кога луѓето се повеќе почнуваат да работат надвор од дома, ручекот станува варијабилен и готвените јадења се поместуваат за подоцна во денот. Но, луѓето и натаму практикуваат обилни појадоци па сè почесто почнуваат да се жалат на гастро проблеми.
Во мода влегуваат лесни појадоци, тренд од кој најмногу ќаруваат браќата Келог, смислувајќи ги житариците како здрав оброк. Патем, Kellog's житарките првенствено имале верска мотивација да се промовира животниот стил на Црквата на адвентистите на Седмиот ден (браќата биле Саботари). Во играта "лесен појадок' влегува и лобито на производители на овошје и сокови како главни промотери на тогаш новото чудо наречено - витамини.
Во сето тоа има еден проблем.
Науката има докажано дека метаболизмот (системот кој кога е разработен ја претвора храната во енергија а кога е мрзлив во сало) не зависи од појадокот. Ланска студија на Универзитетот во Бат покажа дека појадокот практично има НУЛА ефект врз нечиј метаболизам. Да, оние што појадуваат горат повеќе калории од другиве, ама тоа се оние калории кои ги земале од појадокот. Слични резултати имаат и други студии.
Една работа сепак помага во раздвижување на метаболизмот - повременото гладување (што од објективни причини го практикувале горенаведените Индијанци). Се претпоставува дека периодичното гладување е умерен стрес кој на организмот му помага да ја зголеми одбраната и освен за тежината има и други здравствени бенефити (забавено стареење, справување со атмосферските отрови, чување од срцеви заболувања...).
Нутриционистички експерт од една њујоршка болница порачува дека не постои доза и распоред на храна која им одговара на сите: на некои им оди добро и ако целиот дневен износ го земат со еден оброк, други се посреќни ако го поделат на неколку оброци.
Но, и неговиот конкретен предлог е прилично разочарувачки. Вели, не треба да се јаде кога треба да се јаде туку кога човек е гладен. А секој што си го има проблемот знае дека е гладен штом се спомне или помисли на јадење.