Еден од најзапоставените аспекти на секоја Олимпијада е меракот што ни го прават најдобрите спортисти кога ќе се отворат дека ждерат бургери, кинеска храна, помфрити, сладоледи и каков уште не џанк-фуд.
Ваквите екцеси секако се строго ограничени и следени од екипите што ги тимарат олимпијците.
На пример, олимпискиот тим на САД има четири експерти за спортска исхрана кои со години пред Зимската Олимпијада составуваат планови за исхрана за спортистите, ги образуваат како треба да се хранат, готват со нив, и (на заинтересираните) им помагаат да одгледуваат сопствена храна.
Во случајот со САД заедно со целата опрема и легијата спортисти, во Јужна Кореја испорачани се и 85 палети храна и опрема за готвење за нивните спортисти во секое време да јадат по програма.
Исхраната на спортистот се дели прво според спортот во кој се натпреварува, а потоа и лично по спортист. За калибрирање на бројот калории по спортист, нутриционистите прво пресметуваат колку напорно тренираат спортистите, колку енергија ќе потрошат, и колку тешко или лесно ќе биде натпреварувањето.
Спортисти како ски-скокачи или натпреварувачи во уметничко лизгање, кои мора да бидат што е можно полесни за да скокнат што подалеку или да направат некоја фигура, во деновите пред натпреварите обично се над 5 кг. послаби од нивната просечна тежина. Овој еснаф за вечера добива околу 500 грама зеленчук, 85 грама месо, и 170 грама житарки.
На сосема другиот крај на спектарот се големите потрошувачи како крос-кантри скијачите, кои горат повеќе калории од кој било спорт (вклучително и трчање и велосипедизам) и дневно внесуваат околу 7.000 калории.
Без разлика од спортот, сите овие калории мора да бидат „чисти“, односно не можеш 3.000 или колку и да се калории да ти бидат од тегла мајонез, и треба да бидат од тип што одговара на твојот спорт – пример за кревање тегови треба протеин, за трчање требаат јаглен-хидрати.