За некој што сака неговиот вид да исчезне, Лес Најт е зачудувачки ведар човек, забележува Њујорк Тајмс. На 75 години редовно прави журки со огномет а во својот двор организира турнирчиња во „гол крикет“ (за среќа на комшиите, дворот му е ограден со висока жива ограда). Дури и Такер Карлсон кај кого бил на интервју, му признал дека иако стои зад една од најодвратните идеи кои ги слушнал, лично е еден од највеселите соговорници кои ги имал.
Лес Најт е основач на Движењето за доброволно истребување на човекот. Го нагласува зборот „доброволно“ за да не му залепат дека се залага за некаков масовен помор или присилна контрола на раѓањето.
Тој е убеден дека ако ја сакаме планетата, најдоброто нешто што можеме да го направиме за неа е да исчезнеме. Да нè нема. Од прв до последен. Постепено, како што ни доаѓа редот. За да биде така, во меѓувреме треба да престанеме да се размножуваме односно да имаме деца.
„Да поживееме што е можно подолго и да си умреме,“ предлага Најт кој на разни конвенции може да се види како држи слоган „Ви благодариме што не се размножувате.“
Во поглед на размножувањето не може да му се забележи лицемерие. Има направено вазектомија уште во 1973 година, на 25 годишна возраст.
На 15 ноември оваа година, Земјата стана дом на 8 милијарди човечки суштества. Наспроти опаѓачките стапки на наталитет, се предвидува во следниве децении да надминеме 10 милијарди, главно заради зголемениот животен век и намалената смртноста на децата.
Истовремено, додека човечката популација се удвои во последните 50 години, популацијата на останатиот животински свет е намалена за 70%.
Проблем во релациите одржливост- клима-популација е што се добива погрешен впечаток каде е главниот проблем.
„Земји како Индија прават пер капита помала емисија на стакленични гасови кои ја загреваат планетата. Богати земји со релативно помало население, како САД, се главните двигатели на глобалното затоплување“, потсетува Кара Бакли во Њујорк Тајмс.
Тоа не му менува многу на Лес Најт. Тој знае дека приказната нема добро да заврши па предлага, како паметни суштества, сами и доброволно да ја завршиме. Вели дека се претерува кога се набројува што сè добро и убаво направил човекот за сам да реши да исчезне:
„На китовите нема да им недостасува нашата музика и литература,“ вели стариот.