За почеток имаме три главни ликови, возачот и близок пријател на Пикасо, Морис Бресниу, неговата сопруга Жаклин и електричарот Пјер ле Гeнек, кој обелодени дека има 271 слика од уметникот.
Морис и Жаклин своевремено имале стотици слики од Пикасо, за кои тврдеа дека им биле подарени од уметникот. Со ова не се согласуваа наследниците на Пабло и ги сомничеа дека ги украле. Сепак, овој дел од приказната тешко дека комплетно ќе се расветли, бидејќи и двајцата се починати (Морис во 91-ва, Жаклин во 2009-та) и немаат деца. Нивната колекција беше запленета и делата се веќе распродадени.
Години подоцна јавноста дознава за електричарот кој тврди дека сликите ги има добиено од Пикасо додека работел кај него. Наследниците на Пикасо не ја прифаќаат ниту оваа приказна, го обвинуваат Пјер дека ги украл сликите.
Во истрагата Пјер и објаснил на полицијата дека тој почнал да работи кај Пикасо откако се пријавил на оглас. Во куќата редовно вршел поправки од 1971-ва до 1973-та, а за возврат уметникот му подарувал слики.
Сепак двете колекции се повеќе поврзани отколку што тоа изгледа на прв поглед.
Она што Пјер пропуштил да го спомене во истрагата е дека тој всушност и е прв братучед на Жаклин Бресниу, за која претходно наследниците на Пикасо се сомневаа дека ги украла сликите.
Во меѓувреме во приказната се појавуваат два нови лика, брачниот пар Ламбер, Бернар и Доминик. Тој е пензиониран пиљар од Париз, таа е чистачка и внука на Морис Бресниу.
Пред агенцијата задолжена за спречување кражби на предмети од историска и уметничка вредност, Доминик открива дека нејзиниот вујко го внел Пјер во куќата на Пикасо.
"Можам искрено да ви кажам дека уметничките дела што ги имаше вујко ми, беа украдени додека тој работеше за Пикасо," изјавила Доминик.
Тие дознале за ова кон почетокот на 80-тите, кога биле на гости кај Бресниу, во куќата на југот на Франција.
"Никогаш не ми кажа како ги украл делата, но секогаш тврдеше дека ништо нема земено додека Пикасо бил жив. Еден ден бевме сами и со Морис се качивме на таванот. Само јас и тој, а околу нас тефтери, папки, цртежи на Пикасо... не знам колку ги имаше ама најмалку 100, можеби 200," тврди Бернар Ламбер.
Бернар дури во 1986-та по смртта на сопругата на Пикасо, дознава зашто Морис го поканил на таванот.
"Морис веднаш ми се јави и побара од мене да му најдам потенцијални купувачи за сликите," изјавил Бернар во полиција.
Бернар контактирал со Мишел Месаже, препродавач на стари работи на локалниот пазар. Масаже го запознава Бернар со познатиот дилер на уметнички дела Жан Шовелен, кој ја прифаќа понудата.
"Така почна. Слободните денови ги користев за да ги донесам сликите во Париз, а потоа парите му ги носев на Морис," објаснил Бернар.
Знаејќи дека Пикасо ги потпишувал сите свои дела пред да им ги даде на уметничките галерии, Морис го лажирал неговиот потпис.
Делата биле продавани за околу 6.000 евра, а Бернар добивал 10% за неговата работа. По смртта на Морис, "бизнисот" го преземала Жаклин, која почнала сериозно да заработува на сликите.
"За една продажба на повеќе слики требаше да добијам 250.000 евра, на крај заработив 180.000. Жаклин секоја недела ги оставаше парите во кеш во сеф на мое име," тврди пиљарот.
Има две причини зошто Бернар и Доминик ги издале своите соработници. Онаа што јавно ја кажуваат е дека им е "страв од правни последици," онаа што подоцна се дозна е дека двете семејства се скарале откако Ламбертови во 1997-та се обиделе да живеат заедно со Жаклин.
До сега, Администрацијата на Пикасо, која се грижи за неговите дела, собрала околу 250 предмети на уметникот, но продолжува истрагата за уште околу 500.
На крајот од приказната, електричарот кој сакаше да му биде потврдена автентичноста на делата од Пикасо, повторно ја отвори истрагата за Бресниу, заврши со обвинение за кражба, а сликите му се запленети.