Две 12-годишни девојчиња неодамна беа изведени пред суд за убиство со предумисла на трето девојче, наводно поттикнато од митското суштество Слендермен, онлајн хорор меме. Девојчињата очигледно имаат проблем на разграничување на вистината од реалноста, но полицијата и јавноста ова го сфатиja како пошироко предупредување. Откако жртвата успеа да се опорави од 19-те убоди со нож, почна да се зборува за третиот осомничен во злосторството: интернет.
Експертите го опишаа настанот како „трагична приказна за нашата ранливост во однос на медиум во кој границата помеѓу она што е реално и она што е игра е замаглена". Како дополнување на ова, општеството не дава доволно одредници за 12-годишните да можат да го разликуваат доброто од лошото кога некој сајт им вели да убијат. Секако, истиве поплаки беа направени и пред речиси 30 години кога се појави играта Dungeons & Dragons, а и секој пат кога нешто од сферата на интернет ќе се прелее во „реалниот" живот со трагични последици.
Но дури и пред интернет, во 1954, родители, библиотекари и еден историчар по име Фредерик Вертам се појавиле пред Конгресот за да бараат промени во содржините на хорор стриповите, кои според нив биле причина за насилство помеѓу децата. Индустријата на стрип, страхувајќи од воспоставување на комисија за цензура, се согласила самата да преземе мерки. Оттаму и документот кој важеше до 2011, Comic Code Authority, во кого особен акцент бил ставен на заштитата на девојчињата од насилни содржини.
Toa се педесет и седум години автоцензура на индустријата, без докажан ефект врз насилството помеѓу младите. Некои од авторите на хорори, како Стивен Кинг, го бранат жанрот, во смисла на неговата способност да отсликува културни и политички стравови. Други одбегнуваат воопшто и да ја споменат својата професија во добро друштво, иако е јасно дека ако пишуваш хорори не значи по дефиниција дека си член на сатанистички култ.
Но она што боде очи е и еден друг аспект - тоа што оваа пред-тинејџерска опсесија со стравот и ужасот има јасно изразен родов аспект. Според авторката на статија на оваа тема во Салон, од 74 хорор филмови кои се давале на последната Ноќ на вештерки во САД, 95% биле режирани од мажи, а 93% имале сценаристи мажи.
Со други зборови, ако си жена во хорор индустријата значи да си идеална жртва на нарација што ја замислиле мажи. Дури и според Бекдаловиот текст за родова застапеност на жените во филмовите (за кој пишувавме тука) не е важно дали тој што ќе преживее е машко или женско, туку дали бројот на женски мртви тела е поголем од оној на машки. A e.
Хоророт, како што изгледа, никому не му носи ништо добро, но е особено лош за жените. Тој сепак опстојува затоа што понекогаш е единствената соодветна реакција на светот во кој, сакале или не, се случуваат и ужасни работи.
Особено меѓу жените.