Тешкиот Бекдалов тест

Шведска воведува родови филмски ознаки

Некако се навикнавме на онаа категоризација која означува дали филмот содржи голотија, секс, мрсен речник или насилство. Но сега кината во Шведска воведуваат нов начин на проценување на нивната содржина - родовата застапеност.

За да добие оценка А одреден филм треба да го помине таканаречениот Бекдалов тест, кој е опишан како „едноставен начин за проценка на присуството на женски ликови во холивудските филмови, и нивниот квалитет". Создаден е од Алисон Бекдал во нејзиниот стрип Dykes to Watch Out од 1985. Oсновниот критерум е да има најмалку два именувани женски лика, кои зборуваат еден со друг (односно една со друга), за нешто што не е маж.

Иако изгледа лесно остварлив, тој покажува колку жените и нивните сложени табиети се недоволно претставени или дури и непостоечки во филмската индустрија. Според него, ниту трилогијата „Господар на прстените“, ни сите војни од „Војна на ѕвездите", „Палп фикшн" и уште куп блокбастери не би поминале. И сега секако нема да бидат забранети, но ниската оценка како да ги става на филмски „столб на срамот", што прави продуцентите сепак да го имаат ова на ум при одбирот и креирањето на приказните.

Био Рио е едно од четирите шведски кина кои сега го воведуваат овој систем. Неговата директорка Елен Тејле , вели дека за голем број луѓе тоа било просветлувачко - ставовите за женските улоги во општеството се во голема мерка повлијаени од она што луѓето го гледаат по медиумите и во филмовите. А она што ретко го гледаат е женски суперхерој, или жена професор, или човечко суштество од женски род кое минува низ возбудливи предизвици и успева да ја оствари целта. А таа - целта - во моментов е да има повеќе женски стории и перспективи на големите платна.

Шведскиот филмски институт кој е финансиран од државата ја поддржува иницијативата. Наскоро вакви ознаки ќе се воведат и на шведскиот кабелски канал Виасат филм, а почетокот се планира на 17. ноември кога ќе има „супер недела", односно ќе се прикажуваат филмови кои го минале тестот, како „Игри на гладта", „Железната лејди" и „Дивјаци". „Шест Швеѓанки на бензинска пумпа“ засега никој не го спомнува.

За некои фокусираноста на Шведска на родовата еднаквост сепак оди малку предалеку. Особено се потенцира фактот дека во случајов не се работи за локална продукција на филмови кои би биле направени согласно наведените принципи, туку само покажување со прст на другите (во случајов главно американската филмска индустрија). Од 100 топ американски филмови во 2011, според Центарот за истражување на жените на телевизија и на филм базиран во Сан Диего, жените биле застапени со 33% од сите ликови и со само 11% од протагонистите.

Oбјаснување на Бекдаловиот тест:

 

Извор: Гардијан 
7 ноември 2013 - 08:41