„Либералниот капитализам не нè направи среќни па сè почесто сум склон кон размислувањето дека минатото во времето на Тито беше подобра. Се знаеше кој коси а кој вода носи. Денес многумина се на улица, штрајкови кај и да се свртиш... А бестијални војни на сите страни. Дури и меѓу членки на Обединетите нации. Човекот се изгуби. Него го нема! Ете тема за филм кој веројатно никогаш нема да го снимам“, ќе рече Љубиша Самарџиќ во едо интервју од пред две години, пред да се соочи со здравствени компликации.
Рано останува без татко па работи уште кога е во средно училиште. На филм дебитира во 1961 а во 1967 во Венеција добива Златен лав за улогата на Мали во филмот "Утро."
Се профилира како махер во три формати, воени филмови, комедии и серии а улогите по кои ќе се памети е попусто да се набројуваат. Во последните две децении се префрла во режисерски и продуцентски води.
„Пораснав во чесно рударско семејство, рано останав без татко и ѝ се восхитувам на мајката тигрица која нè изведе на пат со мизерна рударска пензија. А бевме три деца. Од таквото детство сфатив дека сиромаштијата не е најстрашната работа која може да се случи во животот. Како што растев со секојдневните драми крај рудникот, кога сирените често најавуваа зло во јамите, бев фасциниран со етиката, добродушноста и солидарноста на рударите и брзо ја сфатив смислата на опстанокот во животот“, ќе рече Смоки, прекарот кој го доби по ликот од филмот „Песочен град“ во 1963 година.
Од сите режисери со кои има работено за најдобар го сметаше Бранко Бауер а му остана жал што не работел со Слободан Шијан иако имал понуда и за „Маратонци“ и за “Ко то тамо пева“, но поради зафатеност, не успеале да се координираат.