Без разлика кои наслови и имиња ќе завршат во номинациите, Оскарите и слични организации, на крај пак се критикувани дека не се доволно разнолики по одредена основа, а притоа критиките не попуштаат ни пред забелешките дека уметност не може да се оценува во рамки на квоти и проценти.
Она што е заедничко за ваквото терање идентитетски агенди и за Оскарите, е што двете страни го делат ставот дека „културата (посебно филмот и телевизијата) го одредуваат начинот на кој сите ние го гледаме светот, па на тој начин културата може да го промени светот“.
Логиката е: мулти-култи (и сл.) филмови добиваат награда > ова ги прави популарни > белците се повеќе се навикнуваат на „другите“, а во исто време „другите“ се навикнуваат дека се нормални. Ќарот за церемонијата на награди е што успева да се наметне како „арбитар на прогресот“.
„Без разлика како се обидуваат да се претстават, овие организации никогаш не биле посебно добри во проценување на уметничките и културолошките вредности,“ пишува Марен Том во Спајкд.
Таа потсетува дека Академијата за филмски уметности, која ги доделува Оскарите, е формирана во 1927 од Луис Мајер од студиото МГМ (Метро-Голдвин-Мајер). Во биографијата на истиот овој Мајер е наведено дека на првите Оскари во 1929, тој изјавува „открив дека најдобар начин за справување со филмаџии е да ги китиш со медали.“ Нешто подоцна тој ќе изјави и „ако им давав пехари и награди тие ќе се потепаа меѓу себе за да го создадат тоа што ќе им го побарам. Затоа беа создадени наградите од Академијата.“
„Доделувањето награди не се занимава со уметност, туку со продажба и профит. Тие создаваат пазар за производите на филмската индустрија со тоа што селективно наградуваат луѓе од своите редови. По правило, ова е самофетиширачки процес. Мислењето дека овие филмови ги претставуваат и одредуваат реалните општествените односи е клучен сегмент од маркетингот на оваа индустрија. А и самата индустрија со цела душа ја прифати оваа илузија.
Филмаџиите веруваат дека тие го контролираат и влијаат врз културолошки наратив кој има вистинско влијание на животот на луѓето. Токму затоа тие стварно се гледаат себе си како потенцијална позитивна сила во решавањето на расните проблеми.
Наместо да ја ослабат позицијата на церемонии за доделување награди како Оскарите, контроверзиите околу застапеноста и разноликоста ги прават истите овие церемонии да изгледаат далеку порелевантни за нашите животи отколку што навистина се,“ пишува Том.