Фантастиката за 2015-та

Моментално сме во омилената година на писателите и сценаристите на научна фантастика, од Асимов до Земекис, сите очекуваа дека ние веќе ќе ја живееме иднината. Тоа се случи, ама не во форма како што тие очекуваа.

"Runaround", кратката приказна на Исак Асимов од 1942-ра, се случува во 2015-та (поточно десет години по 2005-та), и се збори за двајца астронаути на служба на Меркури (најмалата планета која е и најблиску до сонцето), кои имаат повеќечасовен проблем кога нивниот робот Спиди се расипува. Во оваа приказна Асимов прв пат ги спомнува Трите закони на роботиката:

- Прво, робот не смее да повреди човечко суштество, или, преку неделување да дозволи човек да биде повреден.

- Второ, робот мора да ги слуша сите наредби добиени од човечко суштество освен оние наредби кои се во спротивност со првиот закон.

- Трето, роботот мора да го заштитува сопственото постоење освен кога тоа не е во спротивност на првиот и вториот закон.

Во приказната роботите се прикажани како помагачи на луѓето, кои имаат таква вродена посветеност кон оваа задача што нивните мозоци се расипуваат кога не можат да ја завршат задачата. (Трите закони му прават проблем на Спиди во избирањето на своите постапки, дали да си помогне на себе или на астронаутите, по што "излудува" и се расипува).

Наспроти добронамерниот Спиди е Терминатор игрицата од 1995-та, која се случува во 2015-та, откако Скајнет веќе ја има освоено планетата. Во неа Скајнет праќа робот назад во времето за да го среди проблемот со бунтовниците. Целата приказна во Терминатор универзумот се базира на стравот дека вештачката интелигенција со тек на време ќе има негативен ефект и дека целата работа ќе се заврши со потчинување на луѓето од страна на роботите.

Заедничко за овие две приказни, плус Фринџ, 6-от ден и Враќање во иднината 2, е што во сите нив луѓето се соочени интелигенција која наликува на нашата, меѓутоа фундаментално се разликува.

"Роботи, вонземјани и останати сподоби стануваат замена за нашите стравови и надежи за тоа во што може човештвото да се претвори. Во поглед на инспирација, на пример, Скајнет многу повеќе црпи од тоталитарните режими низ човековата историја отколку од кој било компјутерски систем создаден во вистинскиот живот. Слично, Спиди на Асимов повеќе или помалку се однесува на ист начин како што би се однесувале и многу луѓе соочени со работи кои се логички спротивставени.

Ние располагаме само со еден примерок на интелигенција на човечко ниво - нашата - па сме заглавени нејзе повторно и повторно да ја анализираме.

Меѓутоа ова може да се промени во следните декади ако успееме да направиме контакт со останатите форми на интелигенција," пишува Беки Фереира за Вајс.

9 јануари 2015 - 17:39