Имамот Тимур Камаев има сопствен поткаст, „Чај со Хазрат“, како дел од кој го објавува видеото со правилата за тепање. Се работи за еден од најистакнатите муслимански свештеници во Русија, кој е на чело на Ирек џамијата во Казан, главниот град на Татарстан.
Во споменатиот поткаст Камаев обично одговара на прашања околу исламски практики и правила кои не им се познати или барем најјасни на верниците. До сега имало теми како социјални мрежи и уреди во Исламот, суеверија поврзани со погреби или дали видео игри се дозволени според Исламот.
Во последната епизода, Камаев разговара за тоа како верниците треба да ја толкуваат 34-та строфа во четвртото поглавје на Куранот во која се зборува за тоа како маж треба да се справи со нелојалноста од страна на неговата сопруга.
„Секогаш треба да почнеш со прекор, односно, да се обидеш да и објасниш на сопругата зошто згрешила. Секогаш треба со нејзе да зборуваш убаво и мудро,“ почнал Камаев.
Следно што треба да се преземе е сопругата да биде казнета со тоа што ќе спие во посебен кревет.
Крајно пак е „во исклучителни случаи, строфата предлага тепање,“ кое пак според имамот се прави за жената „да разбере дека направила нешто погрешно“ и тоа може да се направи со „мисвак“ кратко гранче кое се користи за чистење заби.
„Нежно ќе ја удриш сопругата неколку пати со мисвак, меѓутоа само по раката од лактот надолу, не целото рамо, со мали удари.
Целта на тепањето не е да се повреди човекот, да се остават модрици, туку внимателно да се порача 'престани, правиш нешто погрешно, твојот сопруг веќе и незадоволен и е стигнат до граница кога крева рака'.
Меѓутоа тука мора да разбереме дека има разлика меѓу термините 'тепање' и 'претепување',“ порачал имамот.
За исламскиот психолог и сексолог, Кава Шаидулина, „пророкот Мухамед никогаш не ги тепал своите сопруги ниту одобрил физичко насилство во семејството“, ниту пак истото е прифатливо во врски или во брак.
Руската активистка за права на жените порачува дека ова не е ништо освен „пропаганда за насилство“ која не може да биде оправдана и дека ваквите пораки кои доаѓаат од почитувана религиозна личност ќе бидат сфатени како дозвола за насилство.
Затоа пак има и луѓе, како муфтијата од соседен Башкоростан, кој појаснува дека да се удри некој со „мисвак“ и нема да предизвика некоја поголема болка.
Видеото е веќе избришано од Јутјуб, а продукцијата која го прави поткастот излегла со соопштение дека зборовите на Камаев „се извадени од контекст“, по што објавуваат соопштение со наслов „Сметаме дека насилството е неприфатливо за која било религија.“ На иста страна се и религиозните власти на Татарстан, кои на критичарите им препорачуваат дека треба во целост да го изгледаат поткастот.