1. Ако сопругата е задоволна од бракот, тоа позитивно се одразува на среќата на мажот. Но, обратно не важи истата релација.
Луѓе од Рутгерс Универзитетот испитале 400 долгогодишни брачни врски утврдувајќи дека задоволството на жената од бракот е клучно за мир во куќа. Неговото не толку. Социологот Дебра Кер објаснува дека кога сопругата е задоволна од бракот, таа е подготвена да направи многу повеќе за својот сопруг. Обратно некако не оди.
2. Жените стануваат несреќни ако сопругот им се разболе. Во обратна ситуација, мажите не си земаат многу при срце.
Заклучокот е изведен во истата студија. Дебра Кер: "Кога сопругот е болен, товарот за неговата грижа ја презема жената. Кога таа се разболува, за неа главно се грижи ќерката".
3. Ниските мажи остануваат подолго во брак и висината ја компензираат со приходи поголеми од партнерката.
Tака велат двајца истражувачи од Њујоршкиот Универзитет. Утврдиле дека повисоките мажи се женат со образувани и повозрасни жени од својата раса. Но кај нив, процентот на разводи е далеку поголем отколку кај ниските мажи. Вториве преферираат помлади жени и потоа заработуваат многу повеќе од нив. Објаснувањето: "Височината има статусно значење: покусите мажи го компензираат нивниот понизок физички статус со поголеми примања а повисоките ја користат својата висина за да придобијат жени со добри примања".
4. Свадбите изгледа ги зголемуваат шансите за успешен брак.
Научници од Денвер немале попаметна работа па испитале вкупно 419 случаи на оваа тема. Само 11 проценти од нив не правеле формална свадба. Во оваа група, само 28 проценти оцениле дека имаат квалитетен брак. Од друга страна, 41 процент од оние кои правеле свадба со сите нишани биле среќни од бракот. И тоа што поголема свадба, тоа подобро. Пазете: 47 проценти од оние кои викнале над 150 гости се скроз ок; кај оние кои имале помалку од 50 сватови, процентот на среќни е само 31.
5. Можеби сте генетски предодредени за изневерување.
Во Универзитетот од Бингамтон утврдиле дека половина од луѓето наследуваат ген кој ги прави склони кон еднократни афери. Се вика DRD4. Кога се носи некоја варијанта од тој ген кој всушност е рецептор за допамин (таканаречениот хормон на среќата), многу е поверојатно човек да набилда историјат на неверства. Истиот ген ги прави луѓето слаби на чашка алкохол или партија комар. Допаминот е клучен за чувството на задоволство и системот на наградување. Во случај на незадолжителниот секс, ризикот е голем но голема е и наградата па "ризик јак и душа мила' го наведуваат да повлече потег кој ќе му шикне многу допамин во системот.