Во времето и земјата на моето растење, новинарите главно изгледаа, а и се однесуваа, како: 1. општествено политички работници; или 2. како поплава да ги има исфрлено на суво па овие се враќаа во влажна состојба со интензивно самополевање одвнатре. Овие првите зрачеа со јаловоста и досадата на епохата, како да се чиновници случајно прекомандувани во новинарство, а можеле да бидат и нижи самостојни референти во општинскиот сојуз на синдикати, а овие другиве се трудеа да делуваат како боеми, но освен неколку светли исклучоци, многу повеќе делуваа како маалски пропалитети.
Милош Васиќ беше меѓу најретките; тој и на прв и на сите други погледи делуваше како Господин новинар. Можевте да го замислите како чука по машината за пишување во редакцијата на лондонски или њујоршки Тајмс, во некој editor’s room. Поважно од тоа: како изгледаше, така и пишуваше. Писмен, конкретен, темелен, прибран. Упатен и точен, но не здодевен и ситничав. Трезвен и кога не е сосема трезен. Несклон кон крупни зборови и патетика, но опремен со бетонирана морална вертикала, професионална и човечка.
Сегде бил, сè видел, сешто знае и умее, а со ништо не се расфрла; само понекогаш тоа ќе го покаже, кога тоа за нешто користи или кога треба да се отфикари некој надобуден напасник и да му се покаже каде му е местото. Никогаш не повишува тон, а нема ни потреба: тој кога зборува, сите слушаат. Освен Тања, неговата последна сопруга: нејзиното бескрајно виличарење ни тој не умееше да го скроти, а не ни пробуваше. Тања и Миша, ни поспротивни темпераменти, ни поголем склад и љубов. Ја надживеа само физички, и од тогаш чекаше да дотрае.
Но, да се вратиме на подобрите времиња. Прво беше НИН-ов Миша, а после беше Миша од Време. Резот беше 1990, година која и онака сешто во нашите животи подели на пред и после. НИН-овиот Мишо само го читав, но редовно и со посебен гушт и внимание, каква за „класичните“ новинари обично имав. Тој златен НИН, од зората до залезот на осумдесеттите, за мене пред сè беа Тирнаниќ, Игор Мандиќ, Влајчиќ и уште ред други постојани или повремени критичари, колумнисти, есеисти, мислители на општа и посебни пракси. Но и (најмалку) еден „нормален“ новинар, а сосема нестандарден: Милош Васиќ. Го праќаш на Косово или на некое белосветско „кризно жариште“ (а се имаа пари тогаш, за последен пат во нашите новинарства) и тој ти се враќа со сјајна приказна, со нон-фикшн проза на која ни Труман Кепоти не би ѝ нашол мана. Но, со подеднакво добар улов ќе се врати и од Коњарник, опишувајќи ја „кризата на лифтови“ во солитерите „Рудо“. Читав сè што ќе излезеше со негов потпис, што обично не се прави со „нормални“ новинари, туку само со тн. Автори. Но, на Мишо не му беше потребна портрет фотографија во поза на мислител за да биде единствен, вон конфекциските стандарди на една, тогаш веќе професија во благо пропаѓање.
А после, Миша од Време: иницијатор, основач, тивок фајтер, еден од носечките столбови на неизвесниот проект кој имаше илјада прилики да пропадне и само една да успее. И веднаш потоа, распад на земјата, војна, триумф на примитивизмот, процут на мафијашкиот јавашлук на стероиди, испливување на фукарата, политичката и обичната, на врвот. Од самиот почеток на нашата голема несреќа, Васиќ беше доверлив хроничар и одмерен но безмилосен аналитичар на тој голем пад: на војската, паравојската, полицијата, параполицијата, криминалците-патриоти и патриотскиот криминал, сето тоа и уште многу друго минуваше низ неговата обработка и ги добиваше реалните контури, вистинскиот табиет, очистен од калливо-говнените наноси на лаги, демагогија, слаткоречив арамилак. Таков и остана во овие три децении, како жив доказ и опомена за сите кои доаѓаа и проаѓаа низ Време, но и други редакции, дека нема оправдување ни изговори за пактирање со битанги затоа што се „мора“, затоа што „од нешто треба да се живее“, затоа што „имам деца.“ Миша ги има пет, па што?
Добро се сеќавам кога летото 1990, на радио ја чув веста за отворање на првиот приватен, независен неделник кој ќе се вика Време. Следеше набројување на основачите. Со секое наредно име растеше мојата заинтересираност, всушност возбуда. Со името на Милош Васиќ веќе бев начисто; немам каде да бидам освен на страната на која е тој, и на страниците на кои тој пишува. А беше тоа време на самрак на многу идоли, неснајдени, или, напротив, премногу добро снајдени во мрачната епоха која со грмење доаѓаше за сите нас.
Ништо битно во неговиот живот и работа не се смени ни кога некои, наводно, или едвај „наши“, дојдоа на власт, оти ни од нив никој не очекуваше ништо, освен малку од малку да го расчистат големиот неред кој зад себе го оставија претходниците. Колку го расчистија- е, толку и ги поддржа. После атентатот на Зоран Ѓинѓиќ, немаш никој освен Милош Васиќ, кој можеше, со првокласни журналистички средства, да спречи бандитскиот наратив за „криминалецот и предавникот“, праведно погубен од позлатената патриотска рака, да стане важечка вистина во новите, а толку мачно стари околности.
Тоа е, значи, Милош, Миша Васиќ од Време: човек, новинар, интелектуалец и господин во мрачни времиња. На страна од интересните котерии, од маста и власта, од паразитските а лукративни синекури, новинарски аргат, „закрпен, но чист“, како што тој сакаше да каже, и во таа метафора е собрано сè што требаше да стане човечка, морална и цивилизациска разлика меѓу човечноста и фукарлукот.
Триесет години Време се всушност триесет години вонредна состојба, со кратки паузи. Во тие паузи, Васиќ успеваше да напише и нешто сосема поинакво од она по што најмногу го познаваа, а тоа повторно да биде до коска „васиќевско“. Така настанаа десетина сјајни „Време на уживање“, така настана колумната „Мојот машки живот.“ Во некоја поинаква, неслучена историја, Миша Васиќ во годините на залезот, само такви работи и би пишувал.
Вака, неговиот фасцинантен опус од мрачните времиња е одмазда кон оние кои го натераа да го напише. Безмилосна но совршено господска, бидејќи поинаква не можеше ни да биде. И во тоа има некоја виша вистина и правда. Некој ќе помине низ човечкиот живот како магаре и говедо, некој како Милош Васиќ.
Теофил Панчиќ,
за НИН
************
Од Милош Васиќ на Офф.нет:
Ќелави од сите земји - помирете се!
Алкохолна родова рамноправност
Безделничари од сите земји - забушавајте!
Различните лица на добрите дела
Сами ќе се урнисаат од лакомост
Историја на белградското блудништво