Милош Васиќ: Сами ќе се урнисаат од лакомост

Дел од интервјуто на белградско „Време“ со Милош Васиќ, еден од основачите на истиот тој весник кој деновиве наполни 30 години а со децении беше еден од ретките резервати на медиумска нормалност. И денес е главно таков, само што сите по малку сме заморени од оние кои „много их је и страшно галаме“.

Ако би го споредиле новинарството тогаш и сега, што прво ви паѓа во очи?

Тогаш се знаеше некој ред. Не можеше да лажеш баш онолку и онака како сега. „Експрес политика“ лажеше на големо и затоа скапа на крај. Добро, „Вечерње новости“ беа шампиони во лажење.

Во ова вучиќевско време, сè се може и одговор на сè е она негово „па што?“. Оние малку медиуми кои си ја работат својата работа не можат да ги променат работите, ама наше е и понатаму да известуваме што се прави. А тие, додека се на власт, ќе прават што сакаат.

Го свртевме кругот.

Да, се вративме во 90-тите и го правиме она што и тогаш го правевме. Разликата е во тоа што во 90-тите беше полесно, бидејќи овие денес сакаат да надгледуваат сè до куќен совет. И занимливо е колку им пречи кога некој ќе каже „Извинете, ние мислиме поинаку“ и тогаш тргнува „Што е, бандо предавничка“.

Вучиќ не поднесува да му се каже било што. А ако само еднаш му кажете, тешко злопамтило е, има да ве спомнува на секоја следна прес конференција. Ма, ние можеме да се вреѓаме и со Шешељ и со Аркан, ама вака не било. А овие баш запнаа и малку го прекардашија. И со бројот на членовите. Настапи она што Гебелс во 1933/34 година - го имате сето тоа кај Томас Ман во Дневниците - го нарекуваше глајхшталтунг (Gleichschaltung), има сè да биде исто и немој некој да писнал.

И до кога така?

Ако судиме по опозицијата, уште долго. Но овие сегашниве во некој момент ќе се зграпчат меѓу себе, премногу се 750.000 членови, а Вучиќ веќе даде што имаше да им даде. Колку што слушам, многу има незадоволни, веќе се лаат меѓу себе. По малку, сето тоа делува срамно. Тие сами себе ќе се урнисаат, од гладни усти и лакомост

*********

Милош Васиќ го имаме во 20-тина наврати на нашиот сајт. Топло препорачуваме.

1 ноември 2020 - 10:27