Нешто ми избега додека бев на Лошињ, го гледав морето низ боровите и се блесавев од принцип. Внимавав само на вестите од кои живеам, па не забележав нешто важно.
Имено, се случи во тоа време еден извесен дечко од осум години, некој И.П. од Будва (би требало да се објават и името и слика, затоа што добрите дела не смеат да минат неказнето) доста успешно провалувал во викендички (секоја чест!), одземал кеш и - потоа го делел наоколу по улица на луѓе за кои проценувал дека им треба. Дури и ги прашувал: имаш ли ти пари? На одречен одговор одвојувал стотина или повеќе евра, зависно од проценката. Еднаш, како што слушам, 700 евра разделил на некои момци кои му изгледале како битанги.
Е, сега: не дека ова има некоја особена врска со мажите, како што ќе се види од понатамошниот текст; но обезоружува таа некоја великодушност својствена на машките од осум години, или тука некаде. Тие, сироти, во тој старосен период уште сериозно ги сфаќаат големите зборови, доблестите, благородноста, великодушноста, честа и останатите реликти од старите времиња, додека Бoг уште одел меѓу нас. Еден од моите синови знаеше во тие години да биде жесток и совесен заштитник на неговите сестри и не само на нив, пожртвуван и подоцна, кога се осили, повремено опасен. Претпоставувам дека тоа имаше некоја врска со семејното воспитување. Девојчињата - како што знаеме - се попромислени и попаметни; нивната добрина, грижа и великодушност се покажуваат дури многу подоцна; машките се бедни, веднаш глупи - ако некогаш воопшто се опаметат. Поголемиот број, за жал, се опаметуваат.
Значи, да се вратиме на мојот херој, И.П. од Будва, синиот сокол. Копајќи по мојата прилично голема хартиена документација, каде постои и таа класификациска единица, наидов на запрепастувачка низа слични примери, кои му ги должам на колегата Пол Сивкинг во неделникот „Њу Стејтсмен".
Значи: Џереми Ли (19) од Волнат Крик, Калифорнија, во септември 1993. е казнет со 19 долари пред прекршочниот суд затоа што на 19. јули 1993 на паркинг инспекторот Скот Вајземан го фатил како уфрла парички во паркинг апарати на непознати луѓе на кои им истекло времето за паркирање. Инспекторот поднел прекршочна затоа што законот забранува плаќање на паркирање без согласност од сопственикот на возилото; впрочем, кој од нив би се спротивставил на тоа? Тоа не е единствен случај: во март 1993. една постара госпоѓа поделила пакетчиња во три добротворни дуќани во Бишоп Оукленд (Дурхам, Англија), во пакетчињата имало стотина банкноти од десет фунти. Во јуни истата година, маж од 40 години стоел пред хонконгшката берза и почнал да дели сума од 100,000 хонгконшки долари во апоени од десет и сто долари на минувачите. Потоа го уапсиле и го пратиле во лудница. Ден-два подоцна, Роналд Кронијак влегол во филијалата на банката Америкен во Лас Вегас, му подал на благајникот ливче со кое бара пари и однел извесен износ (банката одбила да каже колку); излегол и почнал да дели банкноти од по 100 долари на минувачите, без видлив критериум. Еден сведок вели дека бил во некое бифе кога Корнијак влегол и му дал 100 долари; на прашањето од каде му се парите, Кронијак рекол дека тукушто ограбил банка и му посакал убав ден. Откако е уапсен, изјавил дека му било доста од Лас Вегас и од губење пари по коцкарници. Слично во септември 1993. постапил и извесен 33. годишник во Сафок, Англија, но судот го ослободил откако се дознало дека е психијатриски пациент. Истиот ден, 23. септември, еден човек ги подигнал своите 500 фунти одбанка во Кентербери и почнал да ги фрла по улица, во ветер. Полицијата потоа соопштила дека само 80 фунти им биле предадени на властите. Нешто пред тоа, во август во Хонг Конг, Чан Хончинг почнал на улица да дели околу милион хонконшки долари кои ги добил како отштета за повреда на главата, „парите не се добри" повторувал додека полицијата не го однела во лудница.
Тоа не е сè. Во мај 1992., извесна русокоса жена на средни години упаднала во стан на брачен пар во Хоув, Сасекс, Англија и почнала да мие садови и воопшто темелно да го чисти станот. Не украла ништо. Го имаме и стоматологот од Минхен кој „оперирал" по сиромашните квартови: го анестетизирал пациентот, му ги пломбирал и му ги чистел забите. До октомври 1992., според полициската проценка тој извел стоматолошки зафати во вредност од околу 10,000 фунти, а не зел ниту еден фенинг. „Се надевам дека ќе го фатат", рекол еден од пациентите, „но сега имам многу убава насмевка". Нема податоци дали докторот некогаш бил фатен.
Ова се податоци кои колегата Пол Сивекинг ги собрал за само две-три години. По сè изгледа нашиот дечко од Будва не е ни прв, ни последен (да се надеваме), ниту единствен. Треба исто така да се надеваме дека не го одвеле веднаш кај психијатар, психолог или некој сличен шаман; неговото однесување сепак во голема мерка отскокнува од општоприфатениот систем. Да замислиме што би можеле сите тие да му кажат на младиов И.П.? „Будало, кога веќе крадеш немој да делиш наоколу!" Или: „Немој да крадеш! Тоа не е убаво па дури и пленот потоа да го делиш на сиромашните"?
Не, Робин Худ не спаѓа тука. Тој ограбуваше со помош на своето оружје, не заборавајте.
автор: Милош Васиќ
Извор: Време