После неколку часови општо дерење за "изборни кражби", единствената партија која поднесе сè на сè две тужби до Републичката изборна комисија беше - Српската напредна странка.Останатите спомнуваа секакви можни приказни, почнувајќи од Синиша Мали кој уфрлил гласачко ливче во незапечатена изборна кутија а без контролно ливче кое задолжително требал да го пополни. Тоа не е кражба, тоа е неправилност. Потоа тргна приказната за "бугарскиот воз": добиваш пополнето гласачко ливче пред изборното место, го уфрлуваш, а она непополнетото го носиш надвор и им го покажуваш на добрите луѓе кои потоа некако ќе ти се оддолжат. Се разбира, луѓе сте, ќе се договорите. Ден после изборите доаѓа братучед ми, сериозен човек и раскажува: како дете слушал дека предвоениот сопственик на пиротската фабрика "Тигар" на изборите делел по еден лев опинок а после гласањето и десниот; знаел тој кој како гласал, како што и ОЗНА знаеше после војната. Го имаше и она со две половини од банкнота од 100 динари, знаете тоа.
Дека на изборите се поткраднува - ајде да бидеме толерантни - се знае отсекогаш. Некогаш многу, како Слобо во 1996 и 2000, некогаш помалку, главно малку. Е, сега: зошто некој би крадел на избори за кои на сите им е јасно и со голо око се гледа кој победува? Има тука неколку причини, не многу. Како прво, амбициите на лидерчињата да се покажат подобри отколку што се: ете нè нас, добивме 60% наместо 55%. Тука се и сериозните секирации на оние кои се во опасност да изгубат локално, па мораат да крадат, бидејќи опстанокот е во прашање: синекура во управен одбор а ти следува и А6, не се тоа мали заебанции.
Тука сега доаѓаме до наинтересниот дел од приказната. Тоа се оние на кои крадењето им е во крв: едноставно не можат да не украдат, веднаш штом и ако се укаже прилика. Тука се присетив на прочуениот лик од литературата: Шура Балаганов од "Златното теле" на Иљф и Петров. Тој Шура Балаганов, еден од бројните синови на поручникот Шмит (препрочитајте ја книгата, поучна е) беше лопов и преварант, што може и да му се прости, такви беа времињата. Како и да е, Шура се откажува од соработка во херојскиот потфат на Остап Ибрахимович Бендер да стане милионер и тргнува по свој пат. Меѓутоа, Остап Бендер успева и станува милионер. Во еден момент, тој случајно го среќава Балаганов во Москва, се разнежнува (лесно му е кога е милионер) и го прашува со колку пари би бил среќен во животот. Балаганов вика: со 6.400 рубљи. Бендер му дава 50.000 рубљи, како благодарен и коректен човек. Двајцата влегуваат во трамвај. Во трамвајот Балаганов пробува да изџепари некоја граѓанка и бива фатен (со пеесет илјади во џеповите);
"Беше махинално!", вика Балаганов додека го вадат и го предаваат на милиција.
Е, тоа "махинално" е проблем. Овие наши напредњаци веќе имаа пеесет илјади рубљи во џеб, можеа да си дозволат да изгубат триесетина пратенички мандати за уште 4 години забава во Парламентот. Не би ме зачудило да пробаа да украдат паричник со една рубља и 20 копејки, само од принцип. Да им докажеме, не можеме, ова се само мои сомнежи и фантазии (додуша, засновани на искуство). Махинално, од навика. Од истата навика со која купуваат дипломи и докторати, напаѓаат жандарми, тепаат политички противници на локални избори за месни заедници, си делат места во управни и надзорни одбори, се вградуваат во вратоломни офшор комбинации, купуваат во прескапи бутици и прескапи недвижности итн.
Сè е тоа - како и Шура Балаганов - на гладен курац правено, им зинал газот како адвокатска торба, сега или никогаш, што дрпнавме - дрпнавме.
Значи, нема да ги земаме за сериозно обвиненијата за изборни кражби - додека нема докази. Но некако не ни се чинат чудни. Како да не знаеме со кого си имаме работа.
Милош Васиќ, Време