Тоа што народ нема да може да купи лаптоп или да обнови графичка е многу помалиот проблем во ситуацијава. Процената е дека автомобилската индустрија годинава ќе изгуби 110 милијарди долари заради недостаток на чипови, бидејќи технолошките компании не можат да постигнат да ги покријат нарачките.
Проблемот се влече уште од 2020 кога дел од фабриките за производство на чипови мораа да затворат заради пандемијата, па тие нарачки им останаа неисполнети. На ова се надоврзаа и карантините низ светот кога народ почна да нарачува нови компјутери, играчки конзоли и мобилни уреди, или да ги надградува старите.
„Едноставно има огромен гап од моментот кога ќе се развие некоја технологија и кога ќе почне изградбата на фабриката за нејзе и кога ќе излезат првите чипови.
Па искрено, имаме уште неколку години... пред да добиеме доволен капацитет за да ги покриеме сите аспекти на недостатокот на чипови,“ изјавил на претседателот на ИБМ, Џим Вајтхурст.
Додека ова се случи тој препорачува да се ревидира начинот на кој се користат чиповите, и да се размисли за нивно ре-искористување, продолжување на животниот век на одредени технологии и забрзување на инвестициите во нови капацитети.
Проблемот со авто-индустријата е што голем број производители ги откажаа нарачките за чипови кога ги затворија фабриките на почетокот од пандемијата, за да бидат изненадени од побарувачката која се случува периодов и која се врати побрзо од очекувањето.
Заради кризата со чиповите под знак прашање е производството на 3,9 милиони возила годинава. Пример, Форд до јуни на половина го намали производството на возила.
Истото важи и за други индустрии, па Самсунг, кој е најголемиот светски производител на мемориски чипови, објави дека производството на телевизори и бела техника ќе страда од недостатокот на чипови.