И покрај рекордната продажба на смартфони, 2011-та беше катастрофална за речиси сите производители, од Нокиа и РИМ (БлекБери) до Сони, Моторола и ЛГ. Единствени што направија пари беа Епл, Самсунг и кралот на "кинеските" телефони Хуавеи.
Токму Хуавеи ја симна Нокиа од 3-то место на листата на најголеми производители на смартфони. Компанијата почна да се занимава со мобилни пред 5-6 години, а дури во 2009-та фати да работи со смартфони. За разлика од Епл, Микрософт, Нокиа или РИМ, тие не правеа сопствен оперативен систем, туку решија да го користат Андроид, и тоа во неговата оригинална форма, без да го модификуваат како како ХТЦ или Самсунг.
"Нивните производи не мора да имаат ракетен погон за да направат 90% од она што им треба на луѓето. Пазарот оди кон нив," објаснуваат аналитичарите од ABI Research.
Годинава компанијата очекува да продаде околу 60 милиони смартфони, што е за 3 пати повеќе од лани. Најголем дел од растот е заради нивното појавување на американскиот пазар, каде што веќе потпишаа договор со АT&T, кои ќе го продаваат Импулс мобилниот телефон на Хуавеи за 29 долари.
Главниот проблем на Хуавеи во САД е нивната наводна блискост со кинеската влада и обвинувањата за продажба на телеком опрема на Иран.
До сега главен пазар на Хуавеи е Кина, Блискиот Исток и Африка, каде нивните евтини и не брендирани модели на јуриш го освоија пазарот.
Компанијата е основана во 1987-ма од инженерот Рен Женгфеи, кој успева да ја претвори во една од најуспешните технолошки приказни во Кина, редовно победувајќи ги ривалите како Алкател Лусент, Ериксон и Циско, со понуда на солидни производи по ниски цени.