УСБ-то во конкретниов случај е физички безбедносен клуч кој претставува една од верзиите на автентикација со два фактори, која за сега најчесто се врши преку број генериран на апликација на мобилен или помалку безбедниот број испратен од сервисот на СМС.
За разлика од стандардната двојна автентикација, безбедносниот клуч имплементира У2Ф автентикација (Universal 2nd Factor) која дозволува комплетното најавување на некоја сметка да се изврши со едноставно ставање на УСБ уредот во компјутер и стискање копче на УСБ-то. Клучот работи без никаква потреба од инсталирање на дополнителни драјвери.
„Немаме ниту пријавено ниту потврдено преземање на нечија сметка од имплементирање на безбедносните клучеви во Гугл. Корисниците можат својот клуч да го искористат за автентикација на најразлични апликации. Сето тоа зависи од апликацијата и ризикот за корисникот во дадено време,“ изјавил портпарлот на Гугл.
Целта на автентикација со два фактори е дури и некој да успее да ти го украде пасвордот, тој да не може да влезе во твојата сметка освен ако не го поседува и вториот начин на автентикација.
За сега освен комплетно сите сервиси на Гугл, У2Ф технологија имаат имплементирано и сајтови како Дропбокс, Фејсбук и Гитхаб.
Дополнителната безбедност го чини Гугл околу 20 долари по вработен, и за секој вработен е задолжително да поседува ваков УСБ безбедносен клуч.