Едно од обележјата на владеењето на Винтеркорн е неговата убеденост дека дизел возилата ќе бидат пресудни за успехот на Фолксваген во следните години. Ова од една страна доведува и до значително зголемување на продажбата на дизел возила на Фолксваген во САД, од друга речиси комплетно се игнорираат електричните возила кои Винтеркорн тогаш ги смета за премногу скапи и со премал капацитет на батериите.
Дизелгејт и повеќегодишната измама што Фолксваген ја прави со манипулации на тестовите за загадување кај 11 милиони дизел автомобили, доведуваат до оставка на Винтеркорн во септември 2015.
Денес, професорот по Автомобилска економија на Универзитетот во Дуисбург, Фердинанд Дуденхофер, објаснува дека „без Дизелгејт, Фолксваген ќе пропаднеше“. На слично мислење и професорот по Одржлив менаџмент на мобилност на Техничкиот универзитет во Берлин, Ханс-Лиугер Диенел, според кого и покрај целата цена платена за аферата, таа ги насочува германските авто-производители кон иднината.
„Помошта“ од Дизелгејт е што ја присилува германската авто-индустрија да излезе од рамките на она што го знае, бензиски и дизел автомобили, и да се зафати со непознато, електрични автомобили. Како што објаснува Диенел „Германските компании често пати е поверојатно да се технолошки следбеници отколку технолошки лидери“.
Како пример, тој ги споредува Тојота и Фолксваген. Јапонците уште во 1980-те имплементираат производство со најмалку можен отпад, истата пракса Германците ја воведуваат дури во 1990-те. Додека Тојота првиот хибриден Приус го пушта во продажба во 1997, Фолксваген чека до 2010 за да почне со продажба на првиот хибриден Туарег.
„По неколку години, Германците обично од позадина избиваат во водство на пазарот, стигнувајќи до водечката позиција. Меѓутоа некогаш да се задоцни значи и да си премногу доцна,“ објаснува Диенел.
Исходот од сето ова е дека есенва Ауди и Дајмлер објавија дека нивните први комплетно електрични автомобили ќе излезат на пазар во 2019 и 2020. Во исто време групацијата Фолксваген објави дека 4 нејзини брендови, до 2022 ќе имаат вкупно 27 електрични автомобили. БМВ веќе го има и3 моделот.
Освен префрлањето на струја, германските авто-производители се зафатија и со обемни меѓусебни соработки во создавање на сервиси за споделување на автомобили или конкуренти на Убер, преку кои се обидуваат да го надополнат минусот во иновативност што го направија низ сите овие години.