Приказната е дека остатоците од бродот и товарот се најдени на длабочина од околу 430 метри со помош на две мини подморници со капацитет од еден човек. Објавата за откритието беше придружена со видео снимка.
Клучното нешто што се случува меѓу откритието и објавата за истото е појавата на „партнери од Сингапур“ кои во овој период пуштаат во оптек криптовалута наречена Шинил голд коин, чија вредност ја поврзуваат со откритието на бродот. Шинил груп ги отфрла тврдењата на јужнокорејската новинска агенција Јонхап дека имаат каква било поврзаност со сингапурската компанија.
Луѓето од Сингапур на потенцијалните инвеститори во криптовалутата им ветуваат исплаќање дивиденда во износ од 10% од вредноста на златото што наводно е најдено на бродот, околу 13 милијарди долари, во првата половина на 2019. Ваквата понуда резултира со собирање на 120.000 инвеститори од Кореја кои вложуваат над 53 милиони долари во Шинил голд коин.
Кратко по ова доаѓа до пресврт, па нешто помалку од месец дена од првичната објава, Шинил груп официјално признаваат дека не успеале да го идентификуваат златото за кое претходно објавија дека е на потонатиот брод.
Во меѓувреме се случуваат три работи:
- Подводната снимка од бродот е избришана од Јутјуб.
- Веб-страната на криптовалутата е оф-лајн.
- Поранешни директори на компанијата се под истрага за измама.
Откако минатата недела корејската полиција приведува на распит двајца поранешни директори на Шинил груп, Јонхап објавува дека властите се сомневаат дека целата операција е „измама на измамничко семејство“ (во Шинил груп се замешани двајца браќа од кој едниот во 2014 пребегна во Виетнам откако беше вмешан во друга измама).
Она што до сега е точно е дека е откриен бродот Димитриј Донски, што го потврдува канадската компанија за морско истражување, Нујтико ресрч, која е најмена од Шинил груп да го бара бродот. Сопственикот на канадската компанија објаснува:
„Ние бевме ангажирани да завршиме неколку многу конкретни работи, како лоцирање на бродот, негово идентификување, и да направиме високо квалитетна снимка од него. Ние ги завршивме сите три работи, и тоа е сè за што сме биле ангажирани. Што се однесува на тврдењата за откриено злато и други предмети, не знам ништо.“
Димитриј Донски е еден од потонатите руски бродови во битката кај теснецот Цушима за време на Руско-Јапонската војна. Теснецот се наоѓа меѓу Кореја и југот на Јапонија. Истиот овој брод во 2000 година беше дел од друга измама, кога компанијата Донг-ах која во тоа време се наоѓа пред банкрот објавува дека го открила бродот. По ова вредноста на нејзините акции инстантно расте расте за 40%. Притоа тие никогаш не ни спомнуваат дека откриле злато, нешто што подоцна само е надополнето низ шпекулации и гласини. Во приказната од 2000, на бродот имало 14.000 тони злато, што како што тогаш забележува Њујорк тајмс е еднакво на една десетина од целото злато ископано на планетава.