Епл има политика која дозволува враќање на кој било производ во рок од 14 дена по купувањето, а за првите купувачи на Вижн про, рокот истекува баш сега.
Најчеста поплака кога се враќал уредот била неговата комфорност, а луѓе се жалат и дека им предизвикувал главоболка и мачнина. Уште при тестирањето на уредот, една до главните забелешки беше неговата тежина и тоа што најголемиот дел од товарот е напред. Според првите искуства изгледа дека Епл не успева да го реши и проблемот со сушење и напрегање на очите што до сега го имаа сите уреди за виртуелна реалност.
„И покрај тоа што беше магичен за користење колку што се надевав, уредот едноставно е премногу некомфорен за носење дури и на кратко заради тежината и дизајнот на каишите. Сакав да го користам, ама ми се мачеше кога требаше да го ставам.
Едноставно е премногу скап и премногу несмасен дури и да пробаш да се навикнеш на константните главоболки и проблеми со очите што ги имав. Ќе се вратам за следната верзија,“ објаснува продукт менаџерот на Верџ, Паркер Ортолани.
Освен непријатностите што ги создава, друга честа поплака била што уредот не „нуди доволно продуктивност во однос на цената,“ па така графички дизајнери се жалат дека тој бил неупотреблив за нивната работа (конкретно со Фигма).
„Не го користам за продуктивност, а не ми се допаѓа за забава, и ако нема доволно игри за да се играат на него, едноставно не можам оправдам зошто да го чувам,“ пренесува Верџ едно од сведоштвата.
Луѓе кои малку повеќе се потрудиле да го разработат Вижн про, се пожалиле на проблеми со мултитаскирање меѓу прозорци и дека работата многу побрзо ќе ја завршат со тастатура и маус, отколку на Вижн про.