Грубер прави анализа на двете стории. Тој не ја спори веста на Еплинсајдер објаснувајќи дека слично се случило и со Ајфон 5-ка, кој веднаш престанува да се произведува по излегување на 5С. Инаку, стандардно Епл по премиерата на нов модел продолжува со произведување на претходните 2 верзии на својот телефон.
Она што според него е најголема „рана“ за Епл е производството на ОЛЕД екранот за Иксот, кој е тежок за произведување а со тоа е и скап за Епл.
Кога стига до втората вест, која се базира на претходната, Грубер ја опишува како „комбинација од лоша способност за читање и сензационалистичка неискреност“ објавена од „публикација која денес функционира под некогаш почитуваното име Њузвик“. Па тука наведува дека авторот вади сценарио според кое Иксот ќе престане да се произведува летово, нешто кое никаде не е спомнато во оригиналниот текст и уште неколку сериозно произволни детали.
Еден ден подоцна Грубер дома разговара со мајсторот кој веќе некое време работи на реновирање на неговата куќа. Мајсторот знае што работи Грубер („нешто како спортски колумнист ама за Епл и дизајнерски работи“) па редовно го консултира на темата или барем врти празен муабет со него. Откако двајцата веќе некое време разговараат дека дали мајсторот треба да купи Ајфон 8 или Ајфон Х (стариот му се скршил), само еден ден откако веста од специјализиран портал за Епл технологија се прелева на Њузвик, човеков доаѓа до прашање „стварно бе тоа вчера што читав дека Епл ќе го откажува Ајфон Икс?“.