Се работи за клучни компоненти без кои кинескиот бренд не би можел да ги произведува своите смартфони, сервери и останатата опрема.
Главно, целото блокирање е еден масовен хаос во кој никој ништо нема поим или не е сигурен што и како треба да се прави. Компаниите првично ги блокираа сите испораки кон Хуавеи, бидејќи не знаеа кои производи смеат да им ги продаваат на Кинезите а кои не, па чекаа нивните адвокати да им појаснат. Плус тоа што нешто е американски производ не мора да значи дека е и произведено во Америка (што најчесто не е).
За дополнително компликување на работите американските компании до средината на август смеат да му продаваат компоненти на Хуавеи за производи кои веќе се пуштени во продажба, но не смеат за производи кои во иднина треба да бидат пуштени, притоа не се знае што од ова што до сега го протнале Американците е за сегашни а што за идни производи. Притоа дури и дел од надлежните се конфликтни меѓу себе, едни сметаат дека продажбата ги нарушува напорите на САД да извршат притисок врз Хуавеи, а за други тоа ги олеснува загубите на американските компании предизвикани од блокадата (Хуавеи годишно на американските компании им прави промет од околу 11 милијарди долари).
Во истрагата што ја прави Њујорк тајмс се открива дополнителен хаос, во кој американското здружение на производители на полуспроводници бара од Белата куќа да им дозволи на некои од компаниите да соработуваат со Хуавеи, што е одбиено од администрацијата. Но и покрај тоа дел од компаниите членки успеваат да најдат (она што тие го сметаат за) правна основа за да ја продолжат соработката со Кинезите.
Доколку не се овие обиди за заобиколување на ембаргото, на пример во случајот со Микрон, на крај е поверојатно Американците да излезат како поразени бидејќи Хуавеи истата технологија можат да ја набават од јужнокорејски компании како Самсунг и СК Хајникс.
Паралелно со ова Пекинг месецов најави изработка на „список на несигурни ентитети“ на кој ќе се најдат сите поединци и компании што ги сметаат за штетни за кинеските интереси. Една седмица подоцна кинеските власти ги свикаа странските директори во земјата на компании како Микрософт, Дел и Епл, за да ги предупредат дека прекинување на продажбата на кинески компании може да доведе до казна за нив, и побараа да лобираат кај американската влада да ја укине забраната.