"Прва работа што ќе ја забележите за парите во Зимбабве е дека се валкани. Банкнотите толку пати се користени што тие веќе се излижани. Втората работа што ќе ја забележите е дека немаат монети. Цените им се во долари и центи, ама кога ќе платиш, продавницата ја заокружува цената и кусурот ти го враќа во телефонски минути, рабуш во продавницата или лижавчиња," пишува Мајкл Хобс за New Republic.
Сите основни продукти како шеќер, јајца и зејтин се поскапи во Зимбаве отколку во Замбија, Боцвана или Јужна Африка, каде што имаат плати поголеми за 19 пати. Според Хобс, кој работи на меѓународен проект во Зимбабве, членарина во фитнес клуб изнесува 60 долари, додека шишањето е 20 долари.
"Луѓето ми објаснуваат дека цените се наследство од хиперинфлацијата, деценијата во која Зимбабве ја мина индустриската револуција во обратен правец. Тие ми објаснуваат дека се' е увезено, дека супермаркетите ја купуваат храната во Јужна Африка, ставаат два пати поголеми цени и ја ставаат на полици. Исто така ми објаснија дека земјата се префрлила на долари и покрај тоа што немале доволна резерва за сите," пишува Хобс.
Се до 1997-ма на Зимбабве му оди добро (во споредба со регионот), тогаш Мугабе превзема неколку мерки кои го уништуваат финансискиот систем на земјата, кои во основа се сведуваат на делење пари што државата ги нема. Тука се почетоците на инфлацијата. Во 2000-та во крајно популарна одлука меѓу народот, Мугабе решава да им ги одземе сите фарми на белците во земјата, ова комплетно го уништува земјоделството и генерално производството во Зимбабве. Ова е почетокот на комплетниот крах на економијата на земјата.
Во 2007-ма инфлацијата изнесува 7.982%. Во октомври 2008-ма, месечните плати на учителите изнесуваат 729.000 Зимбабве долари, што во тоа време е околу 72 американски центи. На врвот од инфлацијата, околу 90% од луѓето се невработени.
Кога локалната валута ја губи која било вредност, тие се префрлаат на американски долари. По зборовите на локалните жители, еве како изгледа целата работа.
"Ако утре се разбудиш и дознаеш дека САД го прифатиле јенот како официјална валута ти ќе имаш приближен осет за тоа колку чинат работите. Ако кафулето во соседството наплаќа 300 јена за шолја кафе, ти знаеш дека тоа е околу 3 долари. Одлучуваш дека тоа е фер цена, вадиш пари од џеб и плаќаш.
Меѓутоа префрлувањето од валута во хиперинфлација на стабилна валута не е како кога Европа го воведе еврото во 2001-ва, или да се разбудиш утре и да откриеш дека сите цени ти се во јенови. Тоа е како да се разбудиш утре и да откриеш дека сите цени ти се во корнети и во гушкања... Односот меѓу валутата и економијата - во смисла на 'фер' и 'не фер' цени - мораше да биде создаден од нула," го пренесува Хобс сведоштвото на еден од неговите соговорници.