Бунтовниците во Сирија беа сериозно охрабрени од Западот да го срушат режимот на Асад, меѓутоа освен ова не добија никаква поддршка. Во исто време, сојузниците на Асад макотрпно работат на негово снабдување и одржување на власт.
"Ништо не успеа да ја разниша пасивноста на Западот. Ниту користењето на хемиски оружја или ембаргото на храна, ниту бомбардирањето на цивили, или измачувањето и смртта на 11.000 затвореници. Ова е Западот воден од Барак Обама, која е брилијантен адвокат, меѓутоа освен ова неспособен - дали заради недостаток на моќ или пресметливост - да се наметне како авторитет," пишува Антоние Басбус за француски Ле Темп.
Иако е свесен дека САД нема никогаш директно да интервенира во Сирија, тој прашува што ги спречува американските тајни служби да почнат да ја подготвуваат и вежбаат сириската умерена опозиција, исто како што тоа до сега безброј пати го направија на многу други места низ светот.
"Како поинаку би објасниле тоа што колективните одбранбени капацитети на Западот, не се во можност да обучат 20 сириски дезертери и да им дадат земја-воздух проектили кои ќе им помогнат да се уништи воздушната супериорност на Асад, за тој да седне да преговара?" објаснува Басбус.
Тој го обвинува Западот дека освен што не помага, ги спречува соседите на Сирија, како Турција или државите од Заливот да им излезат во пресрет на бунтовниците.
"Резултатот е јасен. Асад може да продолжи да го уништува својот народ во име на борбата против тероризмот. Наместо да се тргне од власт - како диктаторите на Тунис, Египет или Јемен - Асад ги масакрира своите луѓе и владее со разделената земја," порачува Басбус.