Моментално Карлсен доминира со светскиот шах и неговиот талент не е спорен. Колку за претстава, разликата во бодови меѓу него и второ рангираниот е поголема од разликата меѓу второ рангираниот и 19-от играч на листата.
Исто како што не е спорно знаењето на актуелниот светски шампион.
Проблемот е што нивниот дуел повеќе ќе му штети на шахот отколку што ќе му помогне.
"Пред да почнеме да ги решаваме сегашните проблеми на шахот клучно е да разгледаме како стигнавме до ваквата позиција. Првиот човек кој имал смелост и талент да се нарече себе си Светски шампион во шах е шахистот од Прага, Вилхем Штаниц. Пред него шахот претежно бил романтична игра во која идеалот беше да се жртвува цела кутија од твои играчи за да се освои кралот на противникот на начин за кој потоа со векови ќе зборуваат за тебе. Без разлика колку е ова романтично Штаниц го превртува шахот наопаку (некаде околу 1870-та), преку смирена и рационална одбрана. Тој не бил ничиј омилен играч, ама ја вршеше работата.
Во следните 60 години, титулата Светски шампион била како боксерски појас: треба да го победиш актуелниот првак за да ја добиеш. Ова не бил добар систем бидејќи шампионот можел да го одолговлечи давањето на титулата заради прилично смешни причини, како гарантиран реванш (во случај на пораз) и задржување на титулата ако турнирот заврши нерешено. Шампионите можеле и сериозно да влијаат на изборот на противник, што им помагало да ги избегнат опасните предизвикувачи.
Во 1946-та ФИДЕ решава да го стандардизира овој процес и ги менува правилата. Тие прво организираат турнир меѓу осумте најдобри светски шахисти, на кој победува советскиот инженер Михаил Ботвиник, кој е прогласен за светски шампион (претходникот, Александар Алекин, умира во 1946-та).
Новиот систем е напредок во однос на претходниот ама сепак има недостатоци. Главната критика е што тој предвидува турнири на секои три години, кои се играат меѓу најдобрите шахисти во моментот, по што победникот има право да го предизвика шампионот. Заради ова Боби Фишер 7 години по ред беше број 1 шахист пред да добие шанса да игра со шампионот.
Критиките на системот продолжуваат се до 1993-та, кога Гари Каспаров и неговиот предизвикувач Најџел Шорт, го баталуваат ФИДЕ, наоѓаат спонзори и играат за светски шампион. За да го избегне срамот ФИДЕ организира сопствен натпревар за светски шампион во кој играат двајца играчи кои беа поразени од Шорт, пред тој да добие шанса да го предизвика Каспаров.
Се до обединувањето во 2006-та, паралелно функционираат официјалниот и неофицијалниот светски шампион. Организацијата на Каспаров едвај преживуваше, а шампионите на ФИДЕ беа срам за играта.
2013-та, Карлсен моментално е број еден шахист на ранг листата, Ананд е на 8-мо место.
Бројот на поени што го добиваат и губат шахистите зависи од рејтингот на нивниот противник, и од тоа дали победиле, ремизирале или се поразени. Колку повеќе поени имаш толку помалку освојуваш во идните натпревари. Заради ова посебно е импресивна разликата меѓу Карлсен и второпласираниот.
Проблемот со титулата Светски шампион е што таа е премногу крута мерка за шаховската вештина во време на инстантно апдејтувани рејтинзи, заради што добиваш засрамувачки и збунувачки ситуации во кои играчите кои очигледно се најдобри, ја немаат таа титула. Имање светски шампион има смисла во бокс, каде нередовните мечеви го прави проблематично споредувањето на боксерите. Меѓутоа во шах, во тенис, двајцата најдобри играчи се среќаваат очи во очи барем 4 или 5 пати во годината.
Тенисот нема светски шампион и тоа со право. Спортот ја мери големината издигнувајќи четири турнири (гренд слем) над сите останати. Напредокот и падот се мери со алгоритам кој е апдејтуван еднаш неделно.
Шахот исто така има алгоритами и има големи турнири. Сега само треба да го убие натпреварот за светски шампион. И за да го направи тоа, потребен му е некој со рејтинг што ќе ја заврши работата. Тука настапува Магнус Карлсен.
Еве што треба да направи Карлсен: Да го победи Ананд за титулата, и потоа да работи со ФИДЕ за да ги прогласат четирите големи турнири за шаховски Гренд Слем, истовремено елиминирајќи ја титулата светски шампион. Можеби турнирите ќе бидат перманентно лоцирани во три града: Москва, Амстердам и Линарес, а четвртиот град ќе се ротира од година во година," пишува американскиот шаховски мајстор, Мет Гафни, во неговата визија за промена на светското рангирање на шахот.