Зошто на Женева и треба месечен минималец од 3.740 евра?

На крајот од септември граѓаните на Женева на референдум прифатија дека минималецот во нивниот град треба да биде 23 швајцарски франци (21,5 евра) од час, што на крајот од месецот изнесува фини 4.000 франци или 3.740 евра.

Уште пред референдумот состојбата во Женева е следна:

„Гарсониера е 1.000 франци месечно, ако успееш да преживееш на 500 франци месечно за храна, тогаш си многу добар менаџер, здравствено осигурување е 550 франци по човек. Ако имаш семејство со две деца, едвај се постигнува,“ објаснува Шарли Хернандез од добротворната организација Коли ду кер.

Иако е еден од најбогатите градови во светот, Женева е дом и на десетици илјади угостителски работници, келнери, хигиеничари, фризери и слични професии кои настрадаа на почетокот од пандемијата. Како резултат на ова на улиците на Женева во март и април почнаа да се прават колони од луѓе пред народните кујни кои не можеа да се прехранат, а организации како Коли ду кер дневно делеа илјадници кеси со прехранбени производи на загрозените граѓани.

По ново фирмите што плаќаат помалку од 23 франци на час ќе мора да им ја зголемат платата на своите вработени. За претставникот на овие што треба да ги дадат парите, ваквото покачување само ќе предизвика штета и драстичен пад на профитот во време ковид кризата.

„Хотели, ресторани, сите овие се области кои веќе се погодени од големи предизвици заради пандемијата. Ова би можело да ја загрози самата егзистенција на овие сектори,“ објаснува Винсент Субилиа од Стопанската комора на Женева.

Сепак, бидејќи покачувањето беше донесено на референдум (со 58 спрема 42 проценти од гласовите) нема да има назад на оваа одлука, веројатно освен ако незадоволните не успеат да организираат нов контра-референдум.

На истиот референдум со покачувањето беше донесено и задолжително двонеделно трудничко за татковци.

Кон крајот на месецов Швајцарците ќе имаат референдум за „одговорен бизнис иницијативата“, која предвидува дека сите швајцарски компании ќе имаат правна и финансиска одговорност за прекршување на човековите права и нарушување на животната средина во кој било дел од нивниот ланец на набавки, каде било во светот.

2 ноември 2020 - 17:22