Хуиленг Тан во текстот за Бизнис инсајдер објаснува дека има три причини зошто Кина не ја сака вистински оваа замена.
Прво е што Кина не сака да ја либерализира својата валута и да дозволи пари слободно да се движат во и надвор од економијата. Во повеќе од една деценија промовирање на поголема употреба на јуанот кинеската народна банка внимава тоа да се случува без да се наруши финансиската безбедност на земјата и малку веројатно тоа сега да се промени.
Ваквата стабилност се одржува преку контрола на капиталот со која решаваат колку странски пари можат да влезат и излезат од кинеската економија, што пак директно влијае на курсот на девизите во земјата.
Заради оваа контрола „Пекинг никогаш не може целосно да ја либерализира својата валута, но и понатаму може да продолжи со нејзина интернационализација.“
Втор проблем е што Кина ниту сака, ниту може да си дозволи да има константен дефицит како САД. Токму сегашниот дефицит е една од главните жртви што САД ги прави за глобалната позиција на својата валута. Дефицитот се случува заради тоа што моментално има повеќе глобална побарувачка за американските долари, отколку што има американска побарувачка за увоз. Заради ова САД ќе мора константно да се справуваат со се поголем дефицит за да ја одржат својата позиција како резервна валута, нешто што им е јасно уште од 1960-те.
Кога е во прашање Кина, главниот експерт за кинеска економија од лондонската консултантска компанија ТС Ломбард, Рори Грин, смета дека земјата е „политички неволна и економски неспособна да одржува континуиран дефицит и да испорача доволни количини на јуан на светско ниво.“
Трето, Кина во моментот се соочува со голем број геополитички ризици, заради кои и се потребни и алтернативни средства, а главниот избор таму останува доларот или еврото. Бројките покажуваат дека во април 2023 43% од сите глобални плаќања преку СВИФТ биле во долари, 32% биле во евра, а на јуанот отпаднале само 2,3%, во исто време 54% од сите резерви на странски берзи се во долари, а само 2,5% во јуан.
„Ова значи дека нема некој голем избор кога се во прашање резервни средства, што е проблем за кинеската централна банка.
Тоа е затоа што институциите ќе мора да ги држат своите обврзници во јуан во огромни количини, слично како што американските федерални резерви сега имаат огромни суми од своите средства во хартии од вредност од американскиот Трезор,“ пишува Тан.