Украинскиот претседател прво објаснил дека почетокот на контраофанзивата доцнел затоа што војската немала доволно муниција, оружје и обучени единици. Последица на ова е што Русија добила повеќе време да го минира теренот и да ги изгради своите одбранбени редови.
Но и покрај ова, Зеленски најавил дека операцијата ќе добие на залет повикувајќи ги сојузниците да испратат повеќе ракети со голем домет и Ф-16ки.
Обраќањето било на Безбедносниот форум во Аспен, каде темпото на контраофанзивата бил главната тема. Како што ќе му каже на Зеленски канадската заменичка министерка за одбрана „сите тука размислуваат за напредокот на контраофанзивата“ и таа е „преокупација на сите твои пријатели низ светот.“
Џек Саливен, советникот за национална безбедност на САД, објаснува дека резултатите од операцијата ќе бидат јасни само кога Украина ќе ги вклучи сите свои сили во контраофанзивата. Што се однесува за украинското барање за авиони, Саливен образложува дека добрата ПВО на руска и украинска страна спречила авијацијата да има некој поголем удел во војната.
„Ставот на нашите воени команданти е дека идејата дека Ф-16 ќе имаат одлучувачка улога во контраофанзивата имајќи ја предвид фундаменталната реалност... Тие имаат поинакви гледишта од она што го имате чуено во некои од украинските ставови,“ изјавил Саливен.
Дел од стравовите што ги имаат експертите е дека ако не успее контраофанзивата, Украина ја чека тешка зима и вон бојното поле, бидејќи државата и нејзината економија и онака веќе се одржува со сериозна финансиска помош од САД и другите сојузници.
Додека британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клеверли, објаснува дека е сосема разбирлива разликата меѓу украинските очекувања и обемот на западната помош, бидејќи „Западот има и други приоритети, додека Украина e фокусирана на една работа.“