„Друга важна работа, не ја чувствувавме болката што ја имаме кога се бориме во Украина и уништуваме згради; тогаш се чувствуваме дека уништуваме дел од себе си, меѓутоа во Курск не бевме оптоварени со товарот на таа тага,“ раскажува 19-годишен украински падобранец кој учествува во нападот на Курск.
Ентузијазмот и возбудата на украинските војници, не го дели дел од украинското воено раководство, вклучително и Валериј Залужниј додека е на позиција, кога Зеленски им доаѓа со планот на почетокот од годинава.
Меѓу противниците е и Емил Ишкулов, високо почитуваниот командант на 80-та воздушна бригада, кој беше отпуштен во јули и покрај протестот на голем број високи украински офицери. Тогаш беше објавено дека Ишкулов е сменет затоа што „одбил задача која не одговарала на моќта на бригадата.“
Извори на Политико тврдат дека Ишкулов бил против операцијата стравувајќи дека неговата бригада на руска територија ќе биде премногу изложена на напади и дека бројот на загинати нагло ќе порасне.
Забелешката што Залужниј ја има на операцијата е дека нема јасен втор чекор што ќе се прави откако руската граница ќе биде пробиена од најдобрите украински единици.
„Ќе пробиеш и после што? Залужниј никогаш не доби јасен одговор од Зеленски. Се чувствуваше како да е коцка,“ изјавил извор на Политико.
Слична дилема имаат и западните и украинските аналитичари кои се загрижени дека украинската војска би можела да биде опколена во Русија и да доживее деморализирачки пораз. Самото испраќање на позначајни украински сили во Русија значи и дека истите не можат да бидат искористени на фронтот во Доњецк.
Од друга страна Зеленски тврди дека ситуацијата во Доњецк се нормализира, и дека и Русите биле приморани да преселат дел од своите ресурси од фронтот во Украина на фронтот кај Курск.