Финска со децении тера доктрина на воена независност и потпирање сама на себе, доктрина на која се базира целосното нејзино функционирање и размислување. Како што преку ноќ стана членка на најголемиот воен сојуз во светот, таа сега во од треба да го тера компликуваниот процес на интегрирање во алијанската и вклопување во доктрината на колективна одбрана, со сите нејзини финансиски, правни и стратешки пречки.
„Приклучувањето на НАТО е скап бизнис, и поддршката на Украина е скап бизнис, и за сега не се гледа крајот,“ изјавува одговорниот за одбранбена политика во финското министерство за одбрана, Јане Кусела.
„Евтиниот“ дел од членувањето во НАТО е што целиот трошок околу нуклеарното војување паѓа на САД, но во исто време Алијансата има обемни барања од процент на БДП што секоја членка треба да го вложи во одбрана, до неопходни капацитети, опрема, оружје и инфраструктура што треба да ги има.
За Финска ова ќе значи итно да почнат да се носат некои скапи одлуки и на ниво на стратегија да почне да се размислува вон финските граници, бидејќи сега тие ќе треба да имаат капацитет итно да интервенираат и да испратат војска во соседните држави како Норвешка, Шведска, Балтикот или да учествуваат во мисии на Косово или на Медитеранот, ако тоа затреба.
За разлика од други членки на НАТО што граничат со Русија, Финска е уверена дека самата има капацитет да ја одбрани целата своја 1335 километри долга граница со Русија, и дека за тоа нема има потреба од засилување со НАТО сили.
Со зачленувањето Финска започна преговори со САД околу билатералната одбранбена соработка, односно колку американски војници ќе бидат распоредени на финска територија, а дополнително треба да договори каква сè воена опрема странските војски ќе можат да носат во Финска кога ќе доаѓаат на заеднички вежби.
Сосема одделно е прашањето на нуклеарно оружје на финска територија. Финскиот закон забранува увоз и складирање на нуклеарно оружје на финско тло, но во скора иднина земјата ќе мора да одлучи кој е нејзиниот став околу заштитата од нуклеарни напади и природата на нејзината инволвираност во нуклеарната политика на НАТО.
Зачленувањето во НАТО трајно го промени односот на земјата со Русија, која од финска страна се смета како постојан потенцијален агресор.
Генералот Тимо Кивинен, задолжен за интеграцијата со НАТО, објаснува дека сега тие ќе треба да можат да придонесат кон колективната одбрана надвор од финските граници и тоа е ново за нив.
Една од недоумиците е во која од трите оперативни команди ќе биде сместена Финска. Нордиските држави би сакале да бидат под иста команда, која е во Норфолк, Вирџинија, и е фокусирана на одбрана на поморските рути на Атлантикот, Скандинавија и Арктикот. Меѓутоа во случај на војна, засилувањата за Финска е поверојатно дека ќе дојдат од Западот, и тоа командата во холандски Брунсум, кој е задолжен за одбрана на Централна и Источна Европа, вклучително Полска и Балтикот.
Финска веќе го зголеми својот буџет за одбрана, делумно за да плати за купувањето на Ф-35 авионите и новите бродови за подобро патролирање на морињата. Таа вети и дека ќе потроши најмалку 2% од својот БДП на одбрана.