Абу Мухамед ал Џолани, поранешниот лидер на терористичката група Хајат Тахрир ал Шам поврзана со Ал каеда, вчера во Елисејската палата ја имаше својата светска промоција како претседател на Сирија. Средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз е неговата прва официјална посета на Европа откако бунтовнички силите сили под негова команда во декември го соборија режимот на Башар ал Асад.
Оттогаш Ахмед ал Шара ја замени маскирната униформа со костум, турбанот со вратоврска, и најави „инклузивно владеење во мултиконфесионална и мултиетничка Сирија“. Меѓу многумина западни дипломати и функционери со кои позираше во палатата во Дамаск може да се препознае и шефицата на германската дипломатија. (Види: Сиријците ја заматија Бербок).
САД ја укинаа потерницата по Ал Џолани, за кого нудеа награда до 10 милиони долари, но сè уште е на сила меѓународната забрана за патување воведена од Обединетите нации. Франција мораше да побара специјална дозвола за да му се овозможи на Ал Шара да го посети Париз.
По средбата во Елисејската палата, Макрон побара од Европската Унија од 1 јуни да ги укине санкциите за Сирија, воведени поради режимот на Башар ал Асад.
Му реков на претседателот дека ако продолжи по неговиот пат, и ние ќе го сториме тоа. Прво со прогресивно укинување на санкциите, а потоа и со лобирање кај нашите американски партнери да го направат тоа, изјави Макрон.
И САД и ЕУ одобрија делумно олеснување на санкциите за Сирија. Шара инсистира на целосно укинување за да може да собере пари за обнова на економијата, уништена по 14-годишната граѓанска војна. Светската банка проценува дека за реконструкцијата на Сирија се потребни 250 милијарди долари.
Макрон изјави дека Париз „нема да му дава лекции“ на Дамаск, но побара од Ал Шара „да ги заштити сите Сиријци без разлика на нивната вера“.
Првите пет месеци од владеењето не оставаат впечаток дека властите ги контролираат екстремистите во своите редови. Новите владини сили се поврзуваат со убиства на 1.700 луѓе, главно етнички Алавити во март и со неодамнешните судири со заедниците на Друзи.
Макрон во февруари го покани Ал Шара во Париз и не ја смени одлуката наспроти масакрите во Сирија.
Би било неодговорно за францускиот народ ако не почнеме дијалог со преодните лидери. Тоа би било како да простираме црвен тепих за да се врати (џихадистичката група) Исламска држава. Борбата против тероризмот, контролата на миграциските текови и трговијата со дрога, сето тоа се одигрува во Сирија, изјави шефот на дипломатијата Жан-Ноел Баро.
Критиките од опозицијата се жестоки. Десничарската лидерка Марин ле Пен ја оцени средбата како провокација и неодговорност.
Макрон го нарушува имиџот на Франција и ја дискредитира нејзината посветеност за борбата против исламизмот. Исламистичките милиции што сееја смрт меѓу нашите сонародници масакрираат малцинства, порача Ле Пен.
******
За Ал Џолани:
Запознајте го новиот сојузник