Во бројки 2016-та Венецуела ќе ја заврши со инфлација од 720%, а моментално најголемата валута во земјата вреди околу 5 американски центи.
Инфлацијата е дојдена до ниво каде што поради потребниот обем на пари за да се купи што било, тие најчесто се носат во патнички торби, ранци или кеси. Затоа што броењето на овие пари би одземало претерано многу време, дел од продавниците почнаа да ги мерат куповите боливари.
„Кога ќе почнат со мерење на кешот, тоа е знак дека инфлацијата е вон контрола. Меѓутоа Венецуелците не знаат колку е лоша ситуацијата затоа што владата одбива да ги објави бројките“, изјавил директорот на една консултантска компанија, Хесус Касик.
Почетокот на проблемите беше во 2014 кога падот на цените на нафтата ја упропасти економијата на Венецуела. Претседателот Николас Мадуро на ова реагираше како што би реагирал секој петтоодделенец – почна да печати уште повеќе пари.
На нафтата отпаѓаат 95% од извозот на Венецуела, и до пред да почнат проблемите тоа обезбедуваше речиси една половина од вкупниот владин буџет на земјата. Ваквата зависност од една извозна ставка предизвика пад во сите останати индустрии во земјата.
Инфлацијата доведе до ситуација кога при вадење пари од банкомат во вредност од 5 фунти, завршуваш со околу 100 банкноти во рака. Заради обемот дел од банкоматите сега треба да се полнат на секои 3 часа бидејќи машините имаат ограничен капацитет.
Иако властите сето ова го водат како дел од „економска војна“ на САД против нив, тие почнаа делумно да го признаваат проблемот, па Мадуро најави воведување нови банкноти во апоени од 500 до 20.000 боливари (или 8 фунти).