Важно е само фосилните горива да останат во земјата, сè друго е залажување

Од едно гледиште спречувањето на климатската катастрофа е крајно комплицирано. Од друго, тоа е стварно едноставно: само треба да престанеме да вадиме фосилни горива од земја. Сите заплашувања, говори и екстравагантни ветувања од Глазгов се еднакви на ништо ако оваа едноставна и очигледна работа не се случи.

Неодамнешна студија на научниот журнал Нејчр покажува дека за да имаме 50% шанса за избегнување на глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови, треба да се откажеме од 89% од резервите на јаглен, 59% од нафтените резерви и 59% од резервите на природен гас. А ако сакаме подобри шанси од 50-50 тогаш треба речиси сите залихи од фосилни горива да ги оставиме недопрени.

Сепак најголемиот дел од владите кои поседуваат големи резерви решени се да направат погрешен избор. Последниот извештај на ОН за јазот во производството покажува дека во следните две децении освен ако нема рапидна и драстична промена во политиката, производството на јаглен најверојатно ќе се намали за малку, но производството на нафта и природен гас ќе продолжи да расте. До 2030, владите планираат да извадат 110% повеќе горива отколку што ветеното во Парискиот климатски договор го дозволува.

Дури и државите кои тврдат дека ја предводат оваа транзиција продолжуваат да копаат. Во САД, Бајден вети дека ќе го паузира давањето на користење на државно земјиште за нови извори на нафта и гас, или офшор платформи. Неговата влада за ова беше тужена од 14 републикански сојузни држави. Иако климатските активисти тврдат дека Бајден има многу други алатки за да го спречи давањето на такви дозволи, тој веднаш се повлече и неговата влада сега почна со постапка за аукција на права за дупчење во водите во близина на Аљаска и Мексиканскиот залив. Токму ова е слабоста што Републиканците се надеваа дека ќе ја искористат.

Германија вети дека до 2038 ќе го прекине производството на јаглен (што само по себе е предоцна). Но и покрај тоа почна да отвара нови локации за ископување. На пример, селото Луцерат кое лежи врз дебел слој на најгнасниот тип на јаглен - лигнит - во моментов се уништува. Меѓутоа ако Германија ги почитува сопствените правила, рудникот треба да биде напуштен пред производството да постигне целосен капацитет. Па или голем број домови и шума се уништуваат за џабе, или германската влада не планира да го испочитува сопственото ветување.

Во Британија владата и понатаму инсистира на она што го нарекува „максимизирање на економското закрепнување“ на нафта и гас. Минатата година, таа понуди 113 нови лиценци за искористување на офшор ресурси. Целта е барем за два пати да се зголеми количината на фосилни горива што таму се искористува.

Секој говор и ветување и гест во Глазгов неделава се силни како глуварче, во споредба со чистите факти за нови рудници за јаглен и нафтени и плински полиња. Важни се рударењето и дупчењето, сè друго е дистракција.

Меѓутоа дистракцијата е голем бизнис. Нафтените корпорации потрошија бројни милиони долари на реклами, мемиња и филмови за да нè уверат дека станале зелени. Меѓутоа последниот извештај околу ова прашање објавен од Меѓународната агенција за енергија покажува дека во 2020 „инвестициите во чиста енергија од индустријата за нафта и гас изнесуваат само 1% од нивните капитални вложувања“.

Од Парискиот договор во 2015, 60-те најголеми банки на светот истурија 3800 милијарди долари во компании кои работат со фосилни горива. Луѓето од богатите држави сакаат за климатската криза да ги обвинат Индија и Кина, кои продолжуваат да градат електрани на јаглен. Меѓутоа процената е дека 40% од загадување од азиските електрани на јаглен може да се поврзе со банки и инвеститори од Европа и САД. Дури и ако вината можеше да се припише по националност - што е апсурдно во свет каде парите слободно се движат а моќта не познава граници - ние не би можеле да се одделиме себе си од овие одлуки.

На Земјата речиси и да нема проект поврзан со фосилни горива кој не е помогнат од државни пари. Во 2020 според Меѓународниот монетарен фонд, владите низ светот потрошиле 450 милијарди долари во директни субвенции за индустријата на фосилни горива. ММФ пресметува дека другиот трошок што оваа индустрија ни го наметнува (загадување, уништување и климатски хаос) изнесува 5500 милијарди долари. Меѓутоа овие бројки се безначајни: доларите не можат да ја опишат загубата на човечки живот и уништувањето на еко-системите, а не па можноста за систематски еколошки колапс. Секој петти од сите смртни случаи, според неодамнешните процени, е предизвикан од загадувањето со фосилни горива.

Јавни финансиски корпорации и понатаму истураат пари во јаглен, нафта и гас: во изминатите три години Г20 владите и мултинационалните банки за развој безумно потрошија два и пол пати повеќе пари на меѓународно финансирање на фосилните горива отколку на обновливи извори. Според една процена, 93% од светските електрани на јаглен се заштитени од пазарните сили со специјални владини договори и неконкурентни тарифи. Британија го намали данокот на приход од нафта на нула за компаниите кои вадат нафта. Како резултат на ова нашите нафтени полиња е веројатно дека наскоро ќе ја чинат државната благајна повеќе пари отколку што и носат. Која е целта?

За само 161 милијарда долари - делче од парите што владите ги трошат на поддршка за фосилните горива - тие ќе можат да ги купат и да ги затворат сите електрани на јаглен на планетава. Ако тоа го направат како дел од праведна транзиција, тие ќе создадат повеќе работни места отколку што ќе уништат. На пример, истражувањето на Оил Чејнџ покажува дека Британија би можела да генерира три работни места во чиста енергија за секое едно загубено кај нафта и гас.

Сè што се однесува на врската меѓу државите и индустријата на фосилни горива е перверзно, глупо и себе-уништувачко. Во име на профитите и дивидендите на оваа гнасна индустрија - најчесто концентрирани меѓу мал број на луѓе во светот - владите упорно не носат кон катастрофа.

Низ целиот свет луѓе се мобилизираат за да го променат ова, и нивните гласови треба да бидат чуени во Глазгов. Кампањата за создавање на пакт за не зголемување на фосилните горива собра потписи од илјадници научници и од над 100 лауреати на Нобел. „Европа после јагленот“ обединува здруженија низ целиот континент за да се спречи копањето на нови рудници и да се затворат постојните. Визионерските влади на Данска и Костарика ја основаа „По нафта и гас алијансата“. Ни треба да ги притиснеме нашите влади да се приклучат.

И да, навистина е толку просто. Ја имаме технологијата неопходна да се заменат фосилните горива. Има изобилие на пари, кои моментално се фрлаат на уништување на животот на планетава. Транзицијата би траела со месеци, ако владите имаа волја за тоа. Единствената работа што пречи е моќта на застарената индустрија и луѓето кои имаат профит од неа. Ова е тоа што треба да биде срушено. Мавтањето, комплексноста и помпезните залажување во Глазгов се направени со една цел над сè: да не се забрза оваа транзиција, туку да се задуши.

Џорџ Монбио,
Гардијан

3 ноември 2021 - 09:59