Вашингтон пост почна да му крои примирје на Зеленски

Бајден може да му помогне на Зеленски, и на Украина, со тоа што ќе притиска за мир, е пораката на колумнистот на Пост до актуелната американска администрација, која од март годинава инсистира дека ќе ја остави Украина сама да ги донесе своите одлуки.

На последната порака на портпаролот за национална безбедност Џон Кирби дека „никој од САД не го притиска или поттикнува Зеленски да седне на преговарачка маса“, Роберт Рајт во колумната за Пост порачува „па, можеби некој од САД и треба да го направи тоа. Ако траен мир може да се постигне преку преговори - а нема да знаеме се додека не ја истражиме таа опција - тогаш преговори се во интерес на Америка.“

„Тоа само по себе може е доволна причина за Бајден да ја насочи Украина кон преговарачката маса. Меѓутоа како што тоа се случува, таков мир би бил во интерес на Украина, и најголемиот дел од светот“, пишува Рајт.

Ќар од краткорочниот мир би било што Америка не би трошела толку многу пари, кои посебно се проблем во време на инфлација; би се намалиле цените на енергенси што ги плаќа Западна Европа, што би ги смирило и нервозите меѓу ЕУ членките и САД околу цената по која го купуваат природниот гас.

Наспроти ова, секој ден како продолжува војната, гинат се повеќе Украинци, Украина е се поразрушена, и продолжува да тлее ризикот за распламтување на војната во судир меѓу НАТО и Русија.

„Па, кои се аргументите против мир што ќе остави дел од украинската територија под руска контрола? Најчестиот аргумент против опфаќа една цел што ја делат САД и Украина и многу други држави: да и се даде на Русија огромна доза негативен поттик (казна) за тоа што извршила инвазија на својот сосед. Кога би се казнила Русија тоа ќе ја одврати од повторување на ваква агресија, а и други држави од слични агресии со засилување на правилата против напаѓање на суверени нации (и покрај тоа што, САД го имаат прекршено ова правило - кое е меѓународен закон - повеќе од еднаш во изминативе децении),“ смета Рајт.

Иако е неспорно дека бркањето на Русија од Крим, или пак само од териториите освоени по февруари е моќна форма на негативен поттик, Рајт порачува дека е важно да не се заборави дека дури и без тие мерки, војната и онака екстремно многу ги чини и Русија и Путин.

Тој ја повторува процената на експертот за Украина на Ранд корп, Самуел Чарап, дека без разлика каде ќе биде границата, Русија веќе е поразена и дека рускиот стратешки пораз веќе е реалност.

„Причината за ова е неверојатната штета на (а) нивните воени способности, (б) нивната меѓународна репутација, (ц) нивната економија, нивниот капацитет да ги обноват воените залихи. Русија самата во последниве девет месец се ослабе себе си повеќе отколку што тоа можеше да го постигне која било американска политика,“ порачува Чарап.

Заради ова Рајт проценува дека дури и Русија да ја задржи сета сегашна територија, февруарската инвазија е далеку поголема опомена за Русија во споредба со речиси непреченото освојување на Крим во 2014.

Тој не спори дека вистински правичниот аргумент против мировен договор е дека Русија треба да ја врати целата територија што ја освои, ама и дека „тоа исто така е аргумент за уште повеќе војна и корисен само ако Украина има добра шанса да ја врати територијата со продолжување на борбите и тоа со прифатлив број на човечки жртви“. Моменталната состојба не е таква.

Општо земено Рајт гледа три можни траектории за војната:

- Ќорсокак

Двете страни продолжуваат да имаат мали напредоци и порази, но Русија задржува отприлика исто територија колку што има сега.

Заради успесите на Украина од септември годинава, посебно со освојувањето на Херсон, Украинците сметаат дека ваква пат ситуација е невозможна, меѓутоа забораваат дека руските генерали со месеци бараа да им биде дозволено да го напуштат Херсон и да заземат подобри одбранливи позиции, што конечно им беше дозволено есенва.


- Руско напредување

Ова сценарио се базира на континуиран дотур на нови мобилизирани руски војници на фронтот и украински проблеми со логистиката по инфраструктурните напади. Сето ова ја врти војната во корист на Русија, а Путин ги освојува првичните територијални амбиции и целосно ги става под свое Луганск и Донецк, плус двата други региони кои ги прогласи за анектирани.


- Украинско напредување

Тука Украина има големи успеси и ги враќа Русите на границите од пред февруари, па дури и пред 2014.

„Сите овие три траектории вклучуваат понатамошно убивање на Украинци и уништување на Украина, а една од нив вклучува и дополнително губење територија. Само третата траекторија надоместува за ова уништување во форма на територијални придобивки,“ пишува Рајт.

Дури и во најдобрата варијанта работите може да се влошат ако Путин одлучи дека се работи за егзистенцијална закана (за Русија или неговата власт) па тоа да го натера да пофати по нуклеарно оружје. Ова директно би го вмешало НАТО во војната, што е ескалација на сосема ново ниво.

„Одбивајќи дипломатско решение, украинското политичко раководство во основа отфрла две од трите можни траектории и сите надежи ги става на конкретната трета траекторија која може да се каже дека е и бајковита: Украина ќе ги истурка руските сили до руската граница, ќе изврши се повеќе и повеќе политички и психолошки притисок врз Путин, меѓутоа тој притисок нема да биде толку голем за да повлече очајни мерки кои ќе ја уништат Украина...

Ако навистина одбивањето на Зеленски да преговара делумно е резултат на политички притисок, тогаш Бајден ќе му направи услуга со сериозно притискање кон преговарачката маса, бранејќи го од политичка штета. Бајден исто така ќе и направи услуга и на Украина. Продолжувањето на војната е многу веројатно дека ќе ја остави Украина под автобус отколку ставањето крај,“ порачува Рајт.

6 декември 2022 - 14:23